Излезе од печат новиот број на списанието „Премин“ (08.07.2020 18:35)
„Секој јубилеј е спомен за некој успех, а истовремено и премин во наредниот. Овој јубилеј е посветен на Премин, списание за духовни вредности, кое веќе дваесет години успешно опстојува како противтежа на пропагандата на обременувачката (не)култура на денешницата во којашто живееме. Но, не како борба, туку како премин, отворање на можноста за друг начин на живеење, поразличен од овој конвенционалниот.
Опфатен со современи теми, обработени од современи теолози и мислители, истовремено поврзан и со невенливите светоотечки ризници и житијата на светиите, Премин е секогаш актуелен и интересен. Прекрасен колоритен дизајн. Божествени фотографии. Сето тоа го прави да го чувствуваш како „твој“, како пријател со кого сакаш постојано да се дружиш.
Преку Премин го пречекоруваме прагот на материјалниот и преминуваме во духовниот свет. Премин нè пренесува одовде во одандестраното.
Земајќи го в рака, нè преминува од овој обременувачки и страдален свет во безгрижноста и блаженството на духовниот. Ја просветлува нашата мисла и ја преминува од земна во небесна.
Секој нов број дише со нова свежина и нуди нова светлина, и со нетрпение е очекуван. Незаситно голтајќи ја неговата содржина, како да не сакаме никогаш да заврши, истовремено очекувајќи го и наредниот број. И така до недокрај. Едноставно, она што е вредно, не сакаме никогаш да престане.
Така Премин нè пренесува веќе дваесет години и ни дава сила за периодот што доаѓа. Му го честитаме 20-годишниот јубилеј, и како што нè пренесе од XX во XXI век, на ист начин да нè пренесе и во вековите на вековите на есхатонот до Царството Небесно“ (извадок од Воведот).