На празникот на преподобен Наум Охридски во Охрид (03.07.2020 16:32)
„Пречесниот спомен на твоите светли подвизи е како големо сонце кое свети, просветлувајќи ги сите оние кои те слават тебе, бидејќи изгонува секаква болест и бесови. Поради тоа, собрани, со љубов верно да го прославиме“ (кондак на Утрена на преп. Наум Охридски).
На 03.07.2020 година, во ман. „Св. Наум Охридски“, торжествено продолжи прославата на Охридскиот светија, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошкко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, еромонахот Ефросиниј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Пимен се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.
- Се соединуваш ли со Христа?
- Се соединувам.
Така биваме прашани од страна на свештеникот на нашата крштевка и така одговараме и даваме согласност на Бога да влезе во нашите животи и тогаш Христос почнува да делува во нашите животи и да не усмерува по патот кој води кон Спасението и Животот вечен.
Но, откако ќе се соединиме со Христа колку и дали го оставаме светот зад себе?
Бидејќи во мерата во која го оставаме материјалниот свет, во истата толку повеќе и толку побрзо грабиме во духовниот свет.
Како потврда на овие зборови да си споменеме за тропарот на светителот чиј што спомен денес го празнуваме, во чиј храм заедничариме во Телото и Крвта Христови, пред чиј гроб молитвено се поклонуваме и бараме исцеление на нашите болести. Да си споменеме како црковниот поет го возвеличува светиот Наум Чудотворецот Охридски за тоа што кога се соединил со Христа го оставил светот, за тоа што живеејќи по дух телото го распнал за страстите. Да си споменеме за да поверуваме во она дека сė што е соединето со Бога е спасено, та освестеното да го примениме во нашите животи. Да престанеме да ги распнуваме сите оние што различно мислат од нас, сите оние што можеби го кријат својот подвиг и наместо нив да почнеме телата свои да ги распнуваме преку пост, молитва, покајание, исповед, причестување за да се ослободиме од страстите и по дух да живееме подобно на нашиот светител кој со својот живот ни даде пример на голем аскет, учител, просветител, неимар, молитвеник за својот народ и за целиот свет.
И кој живее така нема да се посрами на Страшниот Христов суд. Кој живее подобно на свети Наума нема да изгесне неговиот спомен. Затоа што не се става светило под поклопец, нити може да се сокрие светлина на врв планина.
И кој не верува и во ова повторно нека се сети на Охридскиов чудотворец и нека погледне околу себе за да види од кај се не надошле луѓе за да се помолат, за да заблагодарат за услишаните молитви, за да побараат исцеление. Зарем успеваат државните граници и меѓународните мерки на претпазливост да го сопрат верниот народ да поита кон планината на која стои светилото?
А кога веќе ни тие не можат да го задржат верниот народ, пак и пак би замолил љубовта кон светителот да не ја заспие нашата совест, та трчајќи кон гробот за да се помолиме за наше здравје да го загрозиме здравјето на нашите блиски. Чувајте се себеси и ближните преку пропишаните мерки како би нė зачувал и Господ Бог.
Да, верата наша е во семоќниот Бог Света Троица, но напишано е и: Не искушавај го Господа твојот Бог.
И на крај наше е да се трудиме, да го последуваме животот на нашиот светител, а последниот суд е на Бога како ќе не прослави или посрами на земјата и на небесата. Наше е и да се молиме на Бога Света Троица да ги прими нашите молитви и преку молитвеното застапништво на светиот Наум чудотворецот Велик да не избави од искушенијата кога чекориме кон Небесата.
За многу години. Свети Науме имај нѐ на ум.