Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Света Архиерејска Литургија во Бигорскиот манастир (14.07.2020 13:35)

„Пророче и претечо на Христовото пришествие,
не знаеме како достојно да те восхвалиме,
ние кои со љубов те почитуваме,
со твоето славно и чесно рождество,
се разреши неплодството на онаа што те роди,
и татковото безгласие, и на светот му се проповеда,
воплотувањето на Синот Божји.“

(тропар на Рождество на свети Јован Предвесник и Крстител)

 

На 7 јули 2020 година, на празникот Рождество на свети Јован Предвесник и Крстител во Бигорскиот манастир, кој е посветен на свети Јован Предвесник и Крстител, беше отслужена Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, и архимандрит Партениј. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Денеска светата Православна Црква го прославува раѓањето на најголемиот човек роден на земјата, а тоа е светиот, славен пророк, претеча и крстител Господов Јован. Светата Црква го чува споменот на сите собитија од неговиот живот. Ги слави неговото зачнување, раѓање, неговата мисија и крштевањето на Господа, неговиот собор и неговата маченичка смрт. Во кругот на целата година, секој вторник Црквата молитвено го прославува свети Јован Крстител.

Ние денес од светото Евангелие слушнавме како светиот првосвештеник Захариј по редот на својата служба влегол во Ерусалимскиот храм во Светињата на светињите да покади и тогаш му се јавил ангел Господов кој стоел од десната страна на кадилниот жртвеник. Кога Захариј го видел ангелот се збунил и бил обземен од страв. Но, ангелот му рекол: „Не бој се Захариј. Твојата молитва е услишана и твојата жена Елисавета ќе ти роди син и ќе го наречеш Јован“ (Лк. 1, 9-13).

Свети Јован Златоуст ја објаснува збунетоста на Захариј, велејќи: „Влегувајќи во храмот Господов, Захариј се молел само за едно – за простување на гревовите на народот, а добил ветување за разрешување на неплодноста. Тој барал една утеха, а примил друга. Се молел за народот, а бил наречен татко на син“. Захариј повеќе сакал исцеление на грешниците. Тој си велел: ете народот ме очекува надвор и го чека одговорот на Царот небесен… Преку мене тие принесуваат молитви на Царот и бараат прошка за гревовите и јас се молам за тоа – да се исполнат молбите на народот и сакам да ја покажам својата должност како делотворна. Но ете, мене ми се возвестува раѓање на син. Каква корист ќе има народот ако мене ми се даде син? Како со тоа пред народот ќе ја покажувам својата плодородност? Не, јас од сега за тоа воопшто и не размислувам. Јас сум стар за раѓање дете и барам само спасение за народот. Барам чест на племињата и победа над непријателите, долгоденствие на градот, а не плач на дете. За тоа не можам ниту да размислувам.

Праведниот Захариј не знаел што бара, а што добива. Тој добил многу повеќе од тоа што барал. Тој се молел само за еврејскиот народ, а му било благовестено дека сите народи се подготвуваат за спасение. Се раѓа началникот на војската на Царот небесен и подготвителот на ослободување на светот од грев. Захариј не поверувал во тоа. За ова му била потребна потврда од славата Божја. За своето неверие и сомнеж тој бил казнет со немост. Останал нем, очекувајќи го раѓањето. Тој влегол во храмот за ослободување на другите, а самиот останал осуден. Принесува благоухано кадење, за да донесе знак на прогонство. Но кога се родил синот, на таткото му се вратил зборот. Захариј тогаш го разбрал патот на промислата Божја и воскликнал: „Благословен е Господ Бог Израилев, Кој го посети Својот народ и му даде избавување“ (Лк. 1, 68).

Евангелието е книга на животот. Таа е жив глас на Бога за нашето спасение. Нам постојано ни е заповедано да се поучуваме од писмата. Евангелието е книга која нѐ поучува за постигнувањето на промислата Божја. Од Евангелието дознаваме дека Јован триесет години престојувал во пустината носејќи облека од камилски влакна и хранејќи се со скакулци и див мед. Но, кога настапило времето, свети Јован ја оставил пустината и се појавил на бреговите на Јордан. Тогаш се разнел гласот на проповедникот на покајанието: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“ (Мт. 3, 2). Со повикот на покајание и крштевањето во Јордан, свети Јован Крстител ги повикал синовите Израилеви за примање на Спасителот на светот.

Стоејќи помеѓу двата завета, се вели дека тој и не видел нешто друго, освен гревот на луѓето во кој бил потопен целиот грешен свет и Јагнето Божјо, Кое го зело гревот на светот. Затоа тој вели: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“. Покајанието и верата во Христа Спасителот се двата неопходни услови за постигнување на Царството небесно. Покајните солзи се благодатен дожд кој ги мие сите нечистотии на душата и ја прави способна за примање на Божјата благодат. Свети Јован Крстител и сега повикува кон нас како некогаш кон Израилскиот народ: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно. Направете плод достоен за каење“ (Мт. 3, 2 и 8). Да ги послушаме овие зборови и да постапиме како што од нас бара и свети Јован и нашата света Црква, па да се надеваме на милост Божја и на спасение на нашите души. Амин.

                       

Извор: Дебарско-кичевска епархија