На празникот на св. Климент Охридски и св. великомаченик Пантелејмон во Охрид (09.08.2020 20:05)
„Мудри Клименте, кој Црквата ја просветли како сонце, во целата вселена испушташ зраци од чудеса, сесвештени отче, славо архиерејска.“
(светилен на Утрена на св. Климент Охридски Чудотворец)
Торжествата по повод големиот празник на патронот на нашата света Црква, светиот Климент Охридскиот Чудотворец, како и празникот на светите Седмочисленици и на св. вмч. Пантелејмон, продолжија на 09.08.2020 година, во Светиклиментовиот манастир на Плаошник, со Света Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконите Сашо Ристов и Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Анатолиј. Митрополитот Пимен се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
„Од ближниот ни доаѓа и животот и смртта, ќе рече великиот авва Антониј од пустината, а мудриот ќе разбере што сакал да каже аввата, затоа што ќе се сети на заповедта од Бога дека треба да го љубиме ближниот како себеси. А љубовта подразбира милост и жртва кон ближниот: да му подадеме рака кога му е најтешко, да го нахраниме кога е гладен, да го напоиме кога е жеден, кога е болен или во затвор да го посетиме, да се молиме постојано за него... А ако сме избрани од Бога за да бидеме пастири словесни, треба и чекор повеќе – да си ја положиме душата своја за чедата свои, подобно на добриот Пастир од Евангелието.
И така, преку љубовта и милоста кон ближниот, ќе избереме живот вечен или, пак, преку омразата кон истиот, ќе избереме вечна смрт.
Ако го избереме животот, треба да се трудиме да бидеме семилостиви кон сите и кон сè. Семилостиви како оној кој го носел тоа име, како светиот Пантелејмон, човекот кој ги лекувал и исцелувал ближните без надомест и без земна награда поради дарот и љубовта што ја имал од и кон Бога. Бесплатно го дарувал она што бесплатно го добил од Дародавецот. Тој свет човек не можеле ниту гонителите со меч да го погубат сѐ додека не ја завршил со Амин својата молитва кон Бога за спасение на неговата душа, за спасение и исцеление на душите и телата на своите ближни, но и за покајание на оние под чиј меч ја предал својата душа во прегратките на Семилостивиот наш Бог. Тој свет човек преку ближните го добил животот вечен.
А крвта негова се пролеа како семе за раѓање нови Христијани насекаде и низ сите векови.
И никна негов храм токму тука од вредната и света рака на семилостивиот епископ и пастир Климент, нашиот Чудотворец. Храм за собирање на заедничка молитва на верниот народ и станување на сите едно во Телото и Крвта Христова. Но, и место каде освен верата, ќе се учат и буквите, словата преку кои ќе се слови за Словото. Место каде светиот Климент душата си ја полагал за овците свои. Место во кое и својот гроб со свои раце ќе го ископа, за да му ја даде засекогаш светоста на ова место, кое гордо се издига над Охрид и езерото. Место кое ќе биде светило на врв планина. Место во кое својот земен живот го завршил Климент Великиот, но не ја завршил и својата мисија. Бидејќи неговата мисија ќе трае низ сите векови до стигнувањето во Царството Небесно на сите нас, кои преку него молиме прошка за нашите гревови, исцеление на нашите души и тела и спасение од Бог Света Троица. И ќе трае мисијата додека стигне и последното негово чедо пред престолот на Бога, та Климент светиот да може да изговори пред Христа: Еве ме мене и децата кои ми ги даде Бог.
Да, таква е неговата мисија низ вековиве минати и вековите што следат.
И ако ме прашате каква е нашата мисија, јас би рекол ништо поинаква од светиклиментовата.
Но, знам дека времето во кое живееме нè плаши и расколебува во нашата можност за следење на неговиот подвиг. Но, не е ли тоа маловерие? Зарем мислиме дека грижата на Бога кон нас ослабнала? Зарем се сомневаме во молитвеното застапништво на свети Климент и свети Пантелејмон? Зар исчезнале ближните преку кои можеме да загинеме или да се спасиме? Не, сѐ ни е дадено, само прашање е колку го користиме даденото?
За жал, и денес во 21 век, дадени ни се сиромашните, за да ги нахраниме, а тие да се помолат за нас; дадени ни се и богатите, за да се молиме за нив кога ни помогнале; дадени ни се и отпаднатите од верата и од Бога, за преку нашата поука и молитва за нив да се преобратат и спасат. Дадено ни е и здравјето за да го чуваме, та чувајќи го нашето од оваа опака чума на 21 век, да го чуваме и на ближните. Дадено ни е и молитвеното застапништво на свети Климента, дадена ни е и благодатта од Бога за сè ова да го спроведеме во нашите животи.
И, ако сè ова го правиме и ако ни најмалку не се сомневаме дека овој подвиг можеме да го спроведеме во нашите животи, без разлика на времето и местото во коешто живееме, ве уверувам дека ќе ни биде дадено и место во Царството Небесно, десно од престолот на нашиот Бог Света Троица, а рамо до рамо со оној кој ќе нè претставува како свои чеда пред Бога, со свети Климента.
За многу години и за многу заеднички радости да е денов денешен, мили мои!
Свети Клименте моли Го Христа Бога за нас!
Амин, така да биде!
Митрополит Европски Пимен
Извор: Дебарско-кичевска епархија