Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија на Плаошник (02.09.2020 14:06)

Си воскреснал денес, Штедар, и нас си нѐ извел од смртните врати.

Денес Адам ликува и се радува Ева, а пророците, заедно со патријарсите,

непрестајно ја воспеваат моќта на власта Твоја.

 

(Воскресен кондак глас 3, во Недела на Утрена)

 

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, испраќајќи ги Своите ученици на проповед, им вели: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Мт. 28, 19). Оваа заповед Господовите Апостоли ревносно ја исполнувале, иако навредувани, исмевани, затворани, а често и по цена на својот живот. Словото Господово не ги одминало ниту нашите краишта. Најпрво проповедана од светиот апостол Павле и од неговите ученици и следбеници, од неговите духовни чеда, Благовеста за спасението се ширела насекаде низ нашите краишта. Просветени од благодатта на Светиот Дух, Павловата проповед ја продолжиле многумина подвижници, учители, светии, кои неуморно Го проповедале Воплотеното Слово, но и се грижеле да изградат достојни и велелепни храмови каде што катадневно ќе се принесува Благодарствената Жртва.

Охрид, пак, градот на свети Еразмо Охридски, на светите Климент и Наум Охридските Чудотворци, на Варлаам Охридски, на Теофилакт и Константин Кавасила, духовното средиште на нашата света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, зазема особено место во диптихот на места со неповторливи градби, кои се неделив дел од македонската и светската културна и религиозна ризница. Колку што е сето ова прекрасно и неповторливо, толку е и тешко бремето сето ова богатство да се зачува од забот на времето и историските настани, да се зачува наследството од нашите свети просветители и застапници. Но, оваа тежина не треба да нѐ запира, туку треба уште повеќе да нѐ поттикнува на нашиот животен пат, зашто ние не сме повикани да бидеме пасивни набљудувачи, туку активни сотворци Божји. Овој призив допрел и до ушите на нашиот духовен водач, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, кој речиси 40 години секојдневно се вложува во надградувањето на духовниот живот во нашата света Епархија, а не помалку труд и успех има и во градителските зафати. Епархијата, во овие изминати 40 години, може да се пофали со многу  возобновени манастири, како на духовен, така и на неимарски план, многу возобновени храмови, конаци, новоизградени храмови и многу други успеси на секој план. Но, и по толкав период, овој труд не престанува, ниту ќе престане.

Ете, еден таков нов градителски чин, беше и причината да се собереме на 30 август 2020 година, во Дванаесеттата недела по Педесетница, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид. Најпрво беше отслужена Света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Љупчо Бакрачески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васил Ристовски, ѓаконот Александар Димитријов и јероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу ви ја пренесуваме во целост. На самиот крај беше осветена новата Митрополитска резиденција, во дворот на манастирот на Плаошник, која што е продолжение на возобновувањето на Светиклиментовиот манастир, од каде со векови тече извор на духовно просветление.

 

НАШИОТ ИСТОРИСКИ ВРВ

Речиси постојано слушаме дека некој заслужил или има место во историјата, дека некој со постигнатото влегол и останал во историјата. Но, што значи да се заслужи, да се има место или да се биде дел од историјата? – Пред сѐ, тоа значи живот посветен на вистината, тоа значи живеење и создавање дела во полза на својот народ и за општо добро на народите.

Сведоци сме, во овој контекст, дека секојдневно по медиумите се споменуваат личности со најразлични заслуги, личности коишто направиле и оставиле дела за своите и за генерациите по нив, се споменуваат личности коишто заедно го обележале своето време во науката, во литературата, во уметноста, како и личности од политиката, спортот и од многу други области од човековото живеење. А црковниот календар, пак, во текот на годината нè потсетува на личности коишто со својот живот, со своите богоугодни и човекољубиви дела и подвизи, заслужиле светителски ореол и се почитуваат во Светата Црква.

Но, во меморијата на народите останале и личности коишто, за жал, се паметат по злото и по несреќите што им ги нанесле како на поединци така и на народите: Ирод, Пилат, Нерон, Хитлер, Сталин и уште многу други.

Сепак, неспоредливо место во историјата на светот и човекот има Богочовекот Господ Исус Христос – Синот Божји и Спасителот на светот. Никој како Него, ни пред ни потоа, не направил таков пресврт во историјата на човечкиот род. Па, Тој е центарот на историјата! Тој го исполнил и омеѓил времето, на време пред и време по Христа, на време на Стариот и време на Новиот завет. Тој е ветениот, очекуваниот и препознатиот Месија, Тој е Пророкот Кој требаше да дојде..., Исус, Пророкот од Назарет Галилејски. Тој е Син Божји, Синот на Живиот Бог, и Син Човечки, Светец Божји. Тој е и Спасител, односно Господ и Спасител , Спасител на светот и Спасител на сите луѓе. Тој е Оној од Кого народот се восхитуваше, гледајќи како неми зборуваат, сакати оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат... Тој е Оној Којшто имал моќ не само болни да лекува, туку и мртви да воскреснува, и за Кого говореле дека никогаш вакво нешто не сме виделе , а оние што Го слушале се чуделе на Неговата наука, зашто Неговото слово било силно и дека никогаш човек не говорел така како Овој Човек.

Тој е Оној Којшто одел по морето и на Кого и морето и ветровите Му се покорувале. Тој е добриот Пастир, Кој животот Свој си го положил за овците. Тој е вистинскиот Бог и кој верува во Него и во Оној Којшто Го пратил, како и оној кој го јаде Неговото тело и ја пие Неговата крв – има живот вечен, кој е дар од Бога во Христа Исуса. Тој е Лебот на животот од Кој не се огладнува и кој верува во Него нема никогаш да ожедни и Тој е Оној што нахранил илјадници луѓе со пет леба и две риби. Тој е Оној Којшто има секаква власт на небото и на земјата – Тој е Спасителот на светот! Тој е Воскресението и Животот и кој верува во Него, и ако умре, ќе живее. Тој е отфрлениот Камен Кој стана камен-темелник и Тој е Оној Кој се издигна повисоко од сите небеса и под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме, зашто Него Отецот Го испратил како Спасител на светот. И, Тој, Синот Човечки дојде да го бара и спаси загубеното, односно светот да се спаси преку Него.

Но, како што било и претскажано, од Мојсеја и од сите пророци, а како што и Самиот навестил дека треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен и на третиот ден да воскресне. И навистина, Синот Божји бил обвинет и, иако во Него не нашле никаква вина, Тој бил осуден на смрт со распнување. Но, како што им навестил на учениците, на третиот ден – воскреснал.

Ете, преку страдањето и жртвата што ги поднесол Синот Божји, се потврдил односот на Бога кон човечкиот род, зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот. И токму таа вистина, која е над сите вистини, којашто ја видоа и ја посведочија апостолите и другите блиски и очевидци на настанот, па набрзо, откако Воскреснатиот Господ им заповеда на апостолите – одете и научете ги сите народи, се прошири на сите страни по светот и меѓу многу народи.

Македонија и македонскиот народ ја имаа милоста Божја, таа спасоносна вистина да ни биде пренесена и проповедана од најголемиот проповедник и мисионер меѓу апостолите – од светиот апостол Павле. – Дојди во Македонија и помогни ни, биле зборовите на Македонецот, којшто упатил молба до апостолот за да ја пренесе евангелската вистина и на нашиве македонски простори. И веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нè повикал таму да го разгласуваме Евангелието. Ете, така го запишал тој настан авторот на Делата Апостолски и го овековечил доаѓањето на светиот апостол Павле во Македонија, обезбедувајќи ни место во Книгата над книгите – во Библијата, настан што отворил нова страница во историјата на Македонија и на македонскиот народ.

Евангелската вистина, проповедана при мисионерските доаѓања на апостолот Павле во Македонија, нашла плодна почва во душите на тие македонски генерации. Сведоштва ни се организираните христијански општини и Цркви по македонските градови, како и градбите на велелепните храмови, градени уште во првите векови, како и активностите на повеќе македонски епископи, меѓу другото и со учество на црковните собори, што се одржале во тој период. Градовите: Хераклеја, Лихнид, Скупи, Стоби, Баргала и други древни населби, според откриените базилики и сакрални објекти, уште во првите векови имале богат духовен живот. Тоа придонело да се раѓаат и да растат достојни проповедници на Евангелието, коишто придонеле во духовниот раст на населението и растежот на Црквата во Македонија. Бројни се личностите коишто со својот живот и дела заслужиле место не само во нашата духовна и национална историја, туку и во историјата на повеќе народи и место во историјата на Црквата Христова. Ќе ги спомнеме солунските браќа, светите Кирил и Методиј, коишто за своето просветителско, книжевно и мисионерско дело од светата Црква се наречени рамноапостолни и патрони на Европа. Делото, пак, на нивните ученици и продолжувачи на нивната дејност – светите Климент и Наум, охридските чудотворци, исто така е од историско, неминливо и неповторливо значење. Тие не само што го зачуваа и продолжија, туку и го надградија делото на своите учители. Благодарение на нивната дејност, овде во Охрид и неговата околина, Македонија продолжи да биде плодоносна земја за верата и Црквата. Охрид прерасна во духовен центар, и не само за нас овде во Македонија, туку и пошироко. Благодарение на просветната и книжевната дејност, овде на овој простор во Охрид, се образуваа и испраќаа потребни кадри и духовници и меѓу други народи и земји. Плаошник стана град на врв планина, тој прерасна во најголемата училница и во неисцрпен извор на знаења и на духовност. Неуморните просветители и учители, светите Климент и Наум, придонесоа за Плаошник и за Охрид, а со тоа и за Македонија, да се слушне и меѓу повеќе народи и земји. Со делото на светите Климент и Наум се создаде историја којашто трае, историја којашто е и наша сегашност и, ако ја зачуваме – наша иднина! И токму затоа грижата за нивното дело не е само грижа за минатото, за историјата, туку е и придонес во збогатувањето на сегашноста и влог во иднината. Оттаму и при оваа прилика ќе го истакнам значењето на возобновениот Светиклиментов манастир на Плаошник. Тоа негово возобновување не беше градба за да се изгради тоа што некој некогаш го урнал. Не! Возобновувањето на Плаошник има многу и подлабоко, и пошироко и повозвишено значење: и на духовен, и на национален и на културен план. Возобновувањето на Плаошник треба да се разбере и како симбол на нашето севкупно воскресение: и како народ, и како држава и како Црква! Тој настан од пред 20 години, тоа возобновување на Плаошник, коешто, еве, уште трае, е настан којшто, исто така, ќе влезе и ќе ја продолжи нашата историја. За тој богољубив и родољубив чин, свое место заслужуваат да најдат сите оние коишто дадоа и даваат свој прилог во неговото возобновување: Некои членови на МАНУ, надлежните институции за заштита од Охрид и Републиката, Владите и Министерството за култура, археолозите и историчарите на уметноста, архитектите и градителите и сите коишто на свој начин ја сознаа вистината и ја почувствуваа потребата да му се врати некогашната улога и место на Плаошник, и во животот на Охрид и на сиот наш народ. Во таа смисла, при оваа прилика упатуваме посебна пофалба и до митрополитот Тимотеј, надлежниот архијереј на Дебарско-кичевската епархија, којшто од самиот почеток беше вклучен и има исклучителни заслуги што Плаошник не е како што беше пред 20 години, туку станува сè повеќе станува каков што бил пред 11 векови! А грижата за светињите на митрополитот Тимотеј се огледа како овде во Охрид и во Свети Наум, во Бигорски, во Рајчица и во Пречиста, во Заум, во Кнежино и во Манастирец, така и во сите храмови и манастири низ целата Дебарско-кичевска епархија.

Денес, покрај заедничкава света Литургија, што ја отслуживме во овој велелепен Светиклиментов храм, по богослужбата ни претстои уште една обврска: да ја осветиме новоизградената резиденција за митрополитите на Дебарско-кичевската епархија, градба подигната од темел врз темелите од градбите градени од поколенијата пред нас, градба што е уште една радост за нашата света Црква и за радост на светите Климент и Наум, коишто пред 11 столетија градеа градби на ова исто место, каде што обучуваа и духовно го просветлуваа нашиот народ, градејќи ја нашата историја и Црквата наша Охридска и Македонска.

Нека светата Литургија ни биде за здравје и за спасение! Нека биде честит и чинот на осветувањето што ќе го извршиме, и, дај Боже, да се множат градбите во сета наша Црква и меѓу сиот наш народ: и овде во Татковината и насекаде по светот!

Историјата се создава, се чува и надградува! Овој Светиклиментов и Светинаумов двор и денес ни порачува дека иднина имаат само народите што го чуваат своето минато! Плаошник бил и останува неосвојлив бедем на нашата вистина и наш историски врв! Дај Боже, по молитвите на светите Климент и Наум, и ние, со нашите дела, да оставиме барем мали траги во историјата, со што ќе посведочиме дека нè било и дека сме се грижеле за таа да се зачува и да продолжи и по нас! Амин!


Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима
г.г. Стефан

 

Извор: Дебарско-кичевска епархија