Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свештената Бигорска Обител го слави своето илјадалетие (18.10.2020 16:53)

Божјата семудра промисла денеска го удостои нашето поколение да биде сведок на едно ретко историско собите. Денес Свештената Бигорска Обител, духовното око на нашиот народ, срцето на нашата духовност, вековитиот светилник којшто им го осветлувал патот кон убавото и возвишеното на генерации и генерации, иконата на Христовата светлина – го слави своето илјадалетие! Се чини дека нема доволно зборови со коишто би можело да се опише значењето и величието на денешниот настан, но за него најдобро ќе посведочи историјата што се испиша во овој неделен, воскресенски ден. А, „овој ден“, ќе нагласи нашиот возљубен старец и игумен, Епископот г. Партениј, во своето вдахновено слово во навечерието, „претставува, всушност, оцртување и заглавие на илјада години живот и сведоштво, и на подвиг и жртва на оваа свештена Скинија на Чесниот Претеча и Крстител Јован и го заокружува смиреното постигнување на нашата свештена монашка заедница. Стоејќи со восхит и благоговение пред оваа величествена годишнина, нашите срца се исполнуваат со благодарност и со должна почит кон нашите благочестиви претшественици, кон починатите отци и браќа наши, коишто во своите срца го запишале Словото на Вистината и ни оставиле образец на вистински живот и неспоредливо наследство“.

Сведоци на духовното благолепие и торжество беа илјадници души – не само физички присутните во Манастирот гости, туку, многу повеќе, оние коишто духовно беа со нас и го следеа настанот на телевизискиот канал на МТВ и нашите Фејсбук и Јутуб профили. А меѓу присутните, распределени во манастирскиот двор и неговата околина според мерките за заштита наложени од државните и здравствени власти, беа: покровителот на прославата, Претседателот г. Стево Пендаровски, членови на дипломатскиот кор во земјава, претставници од општествениот, културниот, научниот и политичкиот живот, верници и пријатели. Посебна радост за нас беше тоа што и покрај строгите и комплицирани меѓународни мерки, за прослава на јубилејот допатуваа наши скапоцени гости од повеќе земји: Албанија, Америка, Англија, Бугарија, Германија, Грција, Полска, Србија и Шведска.

Божествената Евхаристија, отслужена на отворено, во манастирскиот двор, на посебно изготвена и украсена бина, со чиноначалството на нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан и во сослужение со архијереите од Свештениот Синод на МПЦ-ОА, претставуваше вистинска духовна наслада за секоја богољубива душа и литургиски печат на илјадагодишната бигорска повест.

А како благодарност за архипастирските молитви и поддршката за синодската прослава на бигорското илјадалетие, нашиот старец и игумен, владиката Партениј го одликува Архиепископот г. г. Стефан со највисокото милениумско одликување на Бигорскиот Манастир – лента со ѕвезда и крст со ликот на Чесниот Претеча. Од своја страна, пак, Архиепископот му подари на денешното славје едно прекрасно вдахновено слово за денешното историско собитие, за бигорското минато, но и совремие.

Историски, државнички говор, со длабока теолошка содржина и моќна порака за иднината, одржа и покровителот на милениумската прославата, Претседателот г. Стево Пендаровски, на радост и воодушевување на свештениот клир и верниците.

Од името на нашата монашка заедница се обрати јеромонахот Доситеј, кој на нашиот старец и владика му подари архијерејски енколпии, во знак на илјадагодишнината на Бигорски.

Најтрогателното слово, пак, дојде од стотиците срца коишто на некој начин биле повикани да Го спознаат Христа на ова свето место, да се исцелат од погубните страсти и пороци и да се пронајдат себеси во благодатниот живот на Црквата Христова. Тие, кои се нераскинлив дел од нашето семејство, дел од срцето на нашиот Старец, владиката Партениј, и од срцата на сите монаси и монахињи од нашата монашка заедница, проговорија денес преку растреперениот глас на г. Атанас Цветковски.

Во продолжение следуваше доделувањето на бигорското одличие, орденот „Претеча“ во три реда, на личности и организации, коишто дале значителен придонес за благолепието на Свештената Бигорска Обител и за благоуспевањето на нејзината евангелска мисија. Лауреатите на ордените, заедно со добитниците на истите во 2015 година, се вброија во редот „Претеча“ на Бигорскиот Манастир.

Освен ордените „Претеча“, заради особената помош и поддршка на севкупното дело што го врши нашето братство, Бигорскиот Манастир им додели благодарница на повеќе личности и организации.

Културно-уметнички украс на денешното славословие додадоа членовите на Ансамблот „Македонија“, долгогодишни пријатели на Бигорската Обител.

Накрај, срдечно им се заблагодаруваме на сите што несебично се вложија себеси за организацијата и за успешното спроведување на големата милениумска прослава. Истовремено бараме прошка од сите, што денеска, не по наша волја, туку според државниот протокол, влезот во Манастирот, кој вообичаено секогаш е отворен за секој посетител, мораше да биде ограничен. Токму поради тоа се погриживме богослужбата и свечената програма да бидат емитувани во живо на три видео-екрани во манастирскиот комплекс, од кои едниот беше поставен на манастирскиот паркинг, каде што имаше доволен простор за сите што не беа во можност да влезат во Манастирот.

„А сега, да торжествуваме духовно, зашто „ова е денот што го создаде Господ, за да се зарадуваме и да се развеселиме во него“ (Пс. 118,24). Да прославуваме и да се радуваме заедно со знајните и незнајни светии што го осветиле ова место и да Му благодариме на Троединиот Бог и на Свети Јован Претеча и Крстител што нè удостоија во наше време оваа Света Обител да го одбележи своето илјадалетие. Историјата што се пишува денес, од нас бара залог да го продолжиме милениумското светоотечкото течение, та и ние, последните, да се удостоиме да се впишеме во славната бигорска повест и, со Божјата помош, да оставиме добри плодови за идните генерации населници и подвижници. А патронот на Свештената Обител, Чесниот Претеча, нека ја сочува здрава, неповредена и славна до крајот на вековите!“ – Епископ Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител.

 

                                

Извор: Бигорски манастир