Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Светилникот на нашето време (11.01.2021 20:10)

Отец Гаврил, од Лесновскиот манастир, беше голема утеха за малкуте вистински христијански заедници (христијани со свој духовен отец, со правило за духовен подвиг, кои редовно постеа, се исповедаа и се причестуваа), кои во тоа време, од 1983 до 1987 година (годините што ги поминавме заедно), во Р. Македонија беа распрснати како мали оази за спас во пустината на атеизмот и христијанскиот номинализам (христијанство само по име). Колку што се сеќавам, такви заедници постоеjа во Скопје, Прилеп, Струмица и во Тетово. Ако некого сум изоставил, нека ми прости.

Со напишаново сакам да ви пренесам некои совети и моменти од нашиот заеднички живот со отец Гаврил во Лесновскиот манастир, како и од неговите ретки посети во Скопје.

Бог во секое време им испраќа на Своите луѓе утеха, како што и нам ни беше отец Гаврил во тоа време. Секое време си носи свои тешкотии при исполнувањето на Божјите заповеди и при ширењето на словото на вистината, но и свои олеснувања. Не би навлегувал во споредба на тогашните и сегашните услови, но едно е сигурно – Преданието на вистинската вера и на вистинските дела е едно и исто, и тогаш и сега. Ова двоедно Предание, на лично-соборно ниво, се сведува на умно-срдечната молитва – „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, а на соборно-лично ниво се сведува на конкретно и живо, сострадално учество во Евхаристијата на Црквата.

Вистински носител и сведок на ова Предание беше и отец Гаврил. Нас, сигурно, посебно нѐ интересира неговото учење за умно-срдечната молитва – клучот на вратата за суштински влез во севкупното Предание на Црквата. Тој го сведочеше и пренесуваше својот подвиг на молитвата во срцето, и на дело и со збор.

Ако случајно го сретнев на улица во Скопје, на пример, кога доаѓаше за сеноќните бденија што ги организиравме еднаш месечно во црквата „Света Петка“, морав да му пријдам и да му се обратам по име, затоа што одеше со наведната глава и никого не забележуваше по патот – посветен на молитвата. Од него првпат дознав за умно-срдечната молитва („Господи Исусе Христе, помилуј ме“). При првата посета на Лесновскиот манастир ми рече: „Постојано кажувај си ја во себе или наглас молитвата ’Господи Исусе Христе, помилуј ме‘, и ништо друго не мисли“. Овие зборови може да ги слушнеме само од човек со опит, затоа што според логиката на овој свет не е возможно човек постојано да се моли, а притоа на ништо друго да не мисли.

Денес и ние, според своите сили, го пренесуваме истото Божјо Предание – Богочовекот Исус Христос. Им објаснуваме на нашите монаси дека местото на срцето во коешто умот се симнува да ја твори молитвата е, всушност, „последното место“ од Светото Евангелие – да им бидеме слуги на сите. Дека за разлика од епископот на Црквата, кој треба да им биде слуга на многу луѓе, за нив е доволно да им станат слуги само на братството или сестринството на манастирот, што не е многубројно. И дека штом им станеме слуга на сите во манастирот, односно штом седнеме на „последното место“, тогаш срцето само се отвора за умно-срдечната молитва и нам засекогаш ни станува познато местото на срцето. Потоа, молитвениот подвиг зависи само од нас.

Светиот отец наш Гаврил истовремено ни беше и пример и поттик. Тој е и благовесникот на возобновувањето на монаштвото во нашата Црква, МПЦ – ОА. Впрочем, тоа го покажува неговото име, добиено според Ангелот благовесник.

Неговиот живот беше постојан пост, и духовен и телесен. Во времето кога престојував во Лесновскиот манастир никогаш не видов во една седмица различни јадења – тој тоа го нарекуваше монофагија (еднојадение). Во текот на седмицата имаше само едно јадење (на пример, зелка со ориз), во кое во мрсните денови (вторник, четврток, сабота и недела) ми ставаше во чинијата малку зејтин. Во манастирот никогаш немаше за јадење млечни производи, јајца или риба. Него, лично, никогаш го немав видено да јаде нешто со зејтин, а за мрсно јадење не стануваше ни збор. Единствено се сеќавам дека кога доаѓаше во „Света Петка“, во Скопје, за бдение, тетка Марија (жената што во таа црква служеше, а подоцна стана монахиња) му подготвуваше чај, двопек и маслинки – од тоа повеќе го немав видено да јаде.

Сите што го знаат можат да посведочат дека отец Гаврил беше исклучително слаб човек, дури ни кожното елече (однатре со волна) што го носеше зимно време не можеше да го промени тој впечаток за него. Во една прилика ме советуваше: „Ако некогаш решиш да постиш четириесет денови, како нашиот Господ Исус Христос во пустината, немој да постиш точно четириесет денови како и Он, туку да постиш само триесет и девет денови, за да не дојде потоа ѓаволот и да ти шепне дека си издржал колку и Господ, и да се возгордееш. Последните денови од постот можно е да ги поминеш во кревет од исцрпеност, затоа покрај креветот до тебе стави си малку водичка и лепче, за ако си сам, а ти се слоши, да можеш да си ги повратиш силите“. Ова може да го каже само човек со опит.

За разлика од некои други духовници од тоа време, отец Гаврил ни овозможуваше постојано да се причестуваме со Светите Тајни Христови. Знаеше од опит дека: таму каде што е трупот, таму и орлите се собираат (Матеј 24, 28).

Уште ова. Се сеќавам, кога понекогаш ќе ми беше многу тешко и кога ќе отидев кај него на исповед, ќе ме сослушаше и без да ми даде никаков совет, само ќе одмавнеше со раката и ќе речеше: „Е па, тоа не е ништо!“, и навистина, целата тежина што ја имав, па и самиот проблем, беа однесувани како со рака. Толкава моќ имаше неговиот збор над демонските сили и над нашите немоќи. Кога некогаш си размислувам за отец Гаврил, би рекол дека ништо не ни објаснуваше, а сите наши проблеми веднаш ги решаваше. Денес, ние цела светоотечка психотерапија и духовен подвиг до најситни детали ги објаснуваме, ама како да изостанува крајниот позитивен ефект од сето тоа во обемот во кој го очекуваме.

Aко сакаме и се потрудиме, Црквата Божја и денес може да донесе светителски плодови како светиот отец наш Гаврил Велички; и фала Му на Бог, уште носи. Нашата Црква денес го обзнанува отец Гаврил како светител. Нашите храмови уште од пред дваесетина години се украсени со неговите фрески и икони. Неговото житие и црковна служба се напишани. Ние што го познававме, уште во тоа време го почитувавме како светител; и никакви додатни докази и потврди од никој друг за тој факт не ни се потребни.

Преподобен отец Гаврил, моли Го Бог за нас!

                                                                                                                            Митрополит Струмички Наум