Честитка до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј (01.03.2021 16:49)
До Неговата Сесветост
Архиепископот на Константинопол и Новиот Рим и
Вселенски Патријарх
Господин Господин Вартоломеј
Ваша Сесветост,
Нам посебно близок и во Христа возљубен Архиепископе на Константинопол, на Новиот Рим и Вселенски патријарху, богомудар пазителу на најсветиот Вселенски престол и неуморен ревнителу за соборноста ширум православната екумена, г.г. Вартоломеј, секогаш радосно ја прегрнуваме Вашата Сесветост и страдалната катедра на Мајката Црква, и молитвено Ве поздравуваме во Господа.
Дозволете ѝ на Нашата смерност, заедно со Светиот Архиерејски Синод и со целата полнота на нашата древна Помесна Црква, да влеземе во радоста на Мајката на сите Цркви и заедно да принесеме благодарност кон Најсветата Троица, на овој особено важен и благословен ден, кога се навршуваат 81 година од Вашето раѓање, во оваа јубилејна година на Вашето саможртвено, богољубиво, плодоносно и, со крсто-воскресна благодат, исполнето патријаршиско служење на најсветиот трон на најсветите архиепископи и константинополски патријарси.
Божјата Премудрост Ви го довери кормилото на Најсветата Црква во нелесни и неедноставни времиња, но Вашата богољубива кротост се покажа достојна на своите најсвети претходници на тронот, правилно раководејќи со Словото на Господовата Вистина, грижливо лекувајќи ги раните на црковното тело и усрдно негувајќи ја Соборноста на Светата Апостолска Црква. Вашата богољубива личност и Вашето ревносно по Бога делување како посветен богослужител, благодатно вдахновен проповедник, човекољубив и грижлив татко, и активен пазител на здравјето на планетата, претставува неисцрпна утеха, не само за првопрестолната и многустрадална Православна Црква и за сето Православие воопшто, туку и за секој човек со добра волја.
Молитвено Ви посакуваме добро здравје и уште долги години да патријархувате на најсветиот Константинополски престол, секогаш укрепувани и потпомагани од моќната рака на нашата Пресвета Мајка на нашиот Господ и Бог и Спасител Исус Христос, Кому, заедно со Отецот и Светиот Дух, нека е слава во сите векови.
Ваш брат во Христа,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
г.г. Стефан