Сочувство по повод упокојувањето на умировениот Епископ Захумско-херцеговачки Атанасиј (06.03.2021 18:54)
Ваша Светост,
Голема тага ни предизвика веста за упокојувањето на почитуваниот умировен Епископ Захумско-херцеговачки Атанасиј. Српската Православна Црква, но и целото Православие, се збогува со исклучителна личност, длабокоумен теолог, врвен патристичар и литургичар, исклучителен педагог и професор, редок книгољубец и книготворец, ревносен чувар на Светото Предание, монахољубив епископ, грижлив пастир и неуморен духовник ‒ богоугодник, кој ќе се храни од плодот на делата свои (сп. Ис. 3, 10).
Во овие мигови на тага, дозволете ми од свое име, како и во името на сета полнота на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, да Ви изразам Вам, на српските архијереи и на сиот верен народ на Српската Православна Црква, длабоко и искрено сочувство.
Споделувајќи ја со Вас тагата за упокојувањето на Епископот Атанасиј, се молиме неговата душа да најде покој и мир во прегратките на Најсветата Троица, за Којашто тој целиот свој живот богословеше и поучуваше.
Споменот нека му е вечен! Бог да го прости!
До Неговата Светост, АРХИЕПИСКОП
Архиепископот Пеќски, ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
Митрополит Белградско-карловачки г.г. Стефан
и Патријарх Српски
Г.г. Порфириј