Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Послание за Христовото Воскресение (27.04.2005)

С Т Е Ф А Н

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,

 

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО

И ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

 

 

 

     Синот Божји дојде и ни даде светлина...

      Верувајте во Светлината,

      за да бидете синови на Светлината!”

                                   (1. Јов. 5, 20; Јован 12, 36).

 

 

 

 

Возљубени духовни чеда,

Велигден е ден на најголемата радост и од него нема поспасоносен ден. Милиони христијани, радосно и со молитвено расположение, се собираат со запалени свеќи во рацете, со желба симболично да земат од вечната Божја светлина која ги просветува сите, та да бидат постојано озарени со неа. Со свеќите в раце ние стануваме богоносни светилници и сведочиме за воскреснатиот Спаси­тел и Бог, Господ Исус Христос, Којшто рекол: „Јас Сум Светлина на светот” (Јован 8, 12). И единствено во таа светлина, во светли­ната Христова, човекот може да го види својот богочовечки лик и во секој човек да види брат, пријател и ближен, кого треба да го сака и да му помага. Низ воскресенската светлина најдобро ги гледаме и вистинските вредности во животот, кои во нас создаваат мир и љубов. Во таа светлина можеме да ја оствариме нашата богообразна личност и да го постигнеме вечниот и бесмртен живот. Во Христовата воскресенска светлина се чувству­ваме целосно духовно слободни, радосни и силни, а и сигурни патници кон спасението. На тој пат, на патот кон вечниот живот, сме пови­кани сите, најнапред со повикот на нашиот Спасител Господ Исус Христос, искажан во Светото Еван­гелие, а потоа и со непрестајниот повик на светата Црква преку светите Отци и црковните пастири. Повикани сме сите во заедница со Бога, кон трајна духовна радост во постојана близина на воскреснатиот Христос.

 

Возљубени чеда во Господа,

Живееме во време во кое младите луѓе кај нас останаа најза­по­ставени и најнезгрижени, со изразена безидејност и отуѓеност. Се наоѓаат пред постојани бегства од своите топли и родни огништа, пред заминување од прегратките на своите роди­тели и од пазувите на својата Татко­вина. Ставени во безизлез, некои од нив се иселуваат, други немоќно остануваат, барајќи лажна утеха во посегну­вањето кон дрога, нарко­тици, алкохол и друг вид  труења на својата младост и иднина. Од тој безизлез произлегуваат бројни престапи и неморалности, од тој безизлез произлегуваат душевни слабости и духовен пад меѓу нашиот народ. Затоа и овојпат укажуваме на потребата од воведување на веро­на­уката во образо­ванието на Република Македонија. На тој начин ќе се победи безидеј­носта, слабодушноста и немо­ралноста и ќе се поттикне светото и доброто, духовното и вечното, она што го крепело и го крепи нашиот народ, и во таги и во жалости, и во маки и во страдања, и во радости и во убости.

 

Возљубени празникољупци,

Нашите прекрасни црковно-народни обичаи духовно нѐ освежуваат, та во радоста на велигденската светлина ние ја доживуваме и сознаваме вистин­ската вредност на животот. Човекот толку вреди колку што е човек и чове­чен! Сите ќе бидеме измерени со евангелската мерка на љубовта. Никој нема да биде вреднуван со овоземни вредности. Затоа, пред светлината на велиг­денската свеќа и пред велигденското црвено јајце треба сите еднакво да се чувствуваме. Денес секое христијанско срце треба да е полно со радост и со неизмерна љубов. Секој секому треба да му е поблизок и помил од кога било во животот. Во најсветлата ноќ сите треба да сме со исти чувства и со иста радост: и архи­ере­ите, и свештенослужи­телите, и вер­ни­ците, па дури и неверниците, бидејќи и нив ги опфаќа сјајот на празничното радување. Овде сме сите заедно и сите сме едно пред Бога! Велигденската радост нѐ зближува еден со друг: и од раз­лични партии, и од различни структури, и стари и млади, и богати и сиромаси. Сите поста­ну­ваме едно и сите се исполнуваме со духовен восхит. Затоа Велигден е празник на радоста и живо­тот. И црков­ната велигденска песна вели: „Ден е на воскре­сението..., да се пре­гр­неме еден со друг. Да им речеме браќа и на оние што нѐ мразат, сѐ да про­стиме со воскресението...” Ако го исполнуваме овој повик, само тогаш вистински празнуваме и покажуваме љубов, со цел да престанат сите недораз­би­рања и неми­ри. Со љубовта кон Бога и кон луѓето се победуваат сите тешкотии во овој живот. Само таа може да нѐ облагороди и да нѐ просветли, и да создаде мир во душите и во животот, зацврстувајќи го Царството Божјо, и на земјава и на небото.

 

Возљубени Христољупци,

Знае Господ зошто толку многу го возљуби нашиот македонски народ и му даде место меѓу првите во европските народи, бидејќи најпрво кај нас беше испратен Светиот апостол Павле и Македонија постана отворена врата на Европа, низ која христијанството влезе во неа. Со тоа Бог го задолжи овој народ да биде предводник во духовниот од и растеж на другите народи. Таква задача добивме од Бога затоа што први ги прифа­тивме и ги оживотворивме христијанските евангелски вредности; затоа што цврсто поверувавме во воскре­сението и научивме дека единствено воскреснатиот Христос дава одго­вор на сите прашања и проблеми; затоа што знаевме дека без Христа нема живот и вистина.

Но, ете, некои сѐ уште сакаат и се обидуваат да го негираат нашето по­стоење, оспорувајќи го името на нашата држава и Црква, а со тоа и на сѐ што е македонско. Нашето име не е ново, па дури и не е овоземно, ниту од човечко потекло, туку тоа е бого­от­криено и библиско. Македонија и Македон­ците се запи­шани во Кни­гата на животот, а тоа значи дека Бог благоизволил така да ја нарече оваа зе­мја и овој народ. А Божјото е вечно и никој никогаш не може да го оспори и измени! Затоа ние не смееме да се откажеме од нашето име. Не смееме да се отка­же­ме, бидејќи тоа име не го избравме ние самите, та ние да го измениме! Тоа име Бог ни го даде!

 

Возљубени чеда во воскреснатиот Господ,

Изминаа тие времиња кога решаваа без да нѐ прашуваат. Никој веќе не треба да решава за нас без наше присуство и согласност! Сега, пак, ние самите најмногу можеме да си наштетиме себеси, а не некој друг. А непростливо ќе си наштетиме, ако допуштиме поинакво именување. Тогаш ќе бидеме виновни не само пред вековното постоење на Македонија и на Македонците, и не само пред нашата македонска држава и Црква, ниту само пред македонската култура и историја, туку ќе бидеме виновни и пред Бога! Тоа никој нема да ни го прости: ниту претходните, ниту идните македонски генерации; тоа нема да ни го прости ниту Бог. Затоа не смееме да бидеме против Бога и против себеси!

Во ова време кога во прашање е опстојувањето на нашиов народ и Црква, ние мораме мудро да најдеме сили да се спротив­ставиме на сите зломислија и злодејанија упатени кон нас. И да не дозволиме да биде понижено, обезвреднето или, не дај Боже, униш­тено достоинството на нашиов народ и Црква! Наше најсилно оружје нека биде меѓусебната љубов, единството, верата и надеж­та. Ако се браниме со овие сили, ако се браниме со Бога и со светињите, ако се барниме со добро­детелите и со Божјата правда - тогаш нашата одбрана ќе биде силна и Бог ќе ја благослови!          

 

Возљубени,

Годинава празнуваме јубилејно одбележување на илјада и стоте години од изградбата на манастирот  на Свети Наум во Охрид; шеесет години од одржувањето на Првиот црковно-народен собор во Скопје; четириесет години од осветувањето на Македонските Правславни Цркви во Торонто - Канада и во Колумбос - САД; сто години од трагичната смрт на Никола Карев, претседателот на Крушев­ската република и деведесет годи­ни од погибието на пиринскиот цар, славниот македонски јунак Јане Сандан­ски, како и шеесет години од Македонската влада во возобновената македонска држава. Овие настани се неизбришли­ви сведоштва за нашето вековно маке­донско, црковно и државно постоење, како и духовна поткрепа за нашиот опстој. Тие достоинствено ќе бидат одбележани, и во Татковинава и насекаде во светот, каде што живеат Македонците.

Честитајќи ви го најголемиот христијански празник, Велигден, ве поздравуваме со најрадосниот поздрав:

 

  

 

ХРИСТОС   ВОСКРЕСЕ !

 

 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

 

С Т Е Ф А Н

 

 

ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД:

 

КИРИЛ, Митрополит Полошко - кумановски

ГОРАЗД, Митрополит Европски

ПЕТАР, Митрополит Преспанско - пелагониски и

                 администратор Австарлиско - новозеландски

ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско - кичевски и

                       администратор Повардарски

НАУМ, Митрополит Струмички

АГАТАНГЕЛ, Митрополит Брегалнички

 

Велигден, 2005 година