Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Објавена монографијата „Возобновителот“ во чест на архиепископот Доситеј (29.12.2021 15:27)

Во чест на архиепископот охридски и македонски г. г. Доситеј излезе од печат монографијата „Возобновителот“. Таа е издание на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а во соработка со Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“.

Ова луксузно издание е отпечатено по повод големите јубилеи посветени на животот и делото на архиепископот г. г. Доситеј – 115 години од неговото раѓање (1906-2021) и 40 години од неговото упокојување (1981-2021).

Ова капитално дело е посветено на ликот и делото на блаженоупокоениот македонски духовен великан Доситеј, кој успеа да ги оствари вековните копнежи на македонскиот народ за обнова на Охридската архиепископија и за конечно добивање на своја независна автокефална црква.

Монографското дело „Возобновителот“ е обемна публикација со околу 420 страници, во тврд повез, во која е вграден трудот на вработените во КОВЗРГ, особено на дипломираниот теолог Петар Петковски, потоа на професорите од ПБФ „Свети Климент Охридски“, како и на други просветни работници.

Содржина опфаќа библиографски податоци, избор на дел од позначајните слова на архиепископот Доситеј (беседи, говори и интервјуа), репортажи за позначајните цркви и манастири во кои живеел и работел архиепископот Доситеј, потоа зборник на трудови за неговата улогата и важност, спомени и сеќавања од неговите соработници и познаници, значаен фотоматеријал, позначајни архивски документи, слики од оставштината на архиепископот, како и поезија посветена во негова чест.

Во воведот на монографијата, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, меѓу другото, пишува: „Обновата на тронот на Св. Климент по години туѓи црковни јурисдикции, како и враќањето на македонската црковна самостојност, доаѓа во налетот на македонската национална ослободителна борба за државност и самостојност, која по Втората светска војна ја доживува својата кулминација.

Инаку, според биографските податоци, архиепископ охридски и македонски г. г. Доситеј е роден во Маврово, на 7 декември 1906 година. Тој е возобновител и прв архиепископ охридски и македонски на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, а се смета и како наследник на Арсениј Втори, кој бил последен архиепископ на укинатата Охридска архиепископија во 1767 година. На вториот црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, бил избран за поглавар на МПЦ. Под негово раководство бил свикан Третиот црковно – народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за автокефална.

Архиепископот Доситеј е роден со крстеното име Димитар Стојковски, како четврто дете од осумте деца на Лазар и Софија. Израснал под планината на Бистра. Целиот свој живот го посветил на службата на црквата. Богословија започнал да учи во Сремски Карловци во 1922 година, а се замонашил во 1924 година, на 17 години, во „Св. Богородица Пречиста“, Кичевско.

Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, имаше свое обраќање пред присутните на промоцијата на монографијата Возобновителот, издадена во чест на двојниот јубилеј на блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј – 115 г. од Неговото раѓање и 40 г. од Неговото упокојување. Ова врвно дело е издадено од страна на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, а подготвено во сотрудништво со Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и со Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, а го промовираа, Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент и проф. д-р Митко Панов од Институтот за национална историја. Гостите ги поздрави и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи г. Даријан Сотировски.

На промоцијата, одржана во малата сала на Македонската филхармонија, присуствуваа и Нивните Високопреосвештенство, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар, Повардарски г. Агатангел, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј и Митрополитот г. Јосиф, како и Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, Бискупот на Скопската бискупија, монсињор г. Киро Стојанов, претседателот на МАНУ академик Љупчо Коцарев, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, деканот на Богословскиот факултет проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, деканот на Факултетот за безбедност проф. д-р Никола Дујовски, Националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка г. Роберт Алаѓозовски, како и мнозина професори, свештеници, студенти и богослови.

Преземено од: Religija.mk, Скопска православна епархија