Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ВИКАРЕН ЕПИСКОП ПОЛЈАНСКИ Г. ПИМЕН / INTERVIEW (03.05.2005)

 

 

Викарниот епископ Полјански г. Пимен е еден од тројцата нови владици што се избрани во Светиот Синод на Македонската Православна Црква. Роден пред 34 години во Ресен, каде што го завршил основното и средното образование, тој ѝ припаѓа на генерацијата што своите теолошки студии ги завршува во Македонија, на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски". Тој е и еден од оние млади луѓе што пред десетина години со своето замонашување го означија повторното заживување на монаштвото во рамките на Македонската Православна Црква. Според многумина, тој е мошне близок со Струмичкиот Владика, г. Наум. Токму затоа никого не изненади одлуката на Светиот Синод тој да работи како помошник на Струмичкиот Митрополит. Тој моментно е на постдипломски студии на Православниот Теолошки Институт „Свети Сергеј" во Париз, Франција. Заради овој факт неговото име се споменува и во комбинациите за надлежен епископ на еден дел од Европската Епархија на Македонската Православна Црква.

Епископот Полјански Пимен, но и другите новоизбрани владици - Методиј и Климент - се исправени пред големите предизвици со кои сите овие години се соочува Македонската Православна Црква. Прифаќањето на нашата автокефалност од другите Православни Цркви, зачувувањето на уставното име, но и внатрешната консолидација на Македонската Православна Црква се само едни од задачите што претстојат пред нив. За сето тоа епископот Пимен зборува со оптимизам.

Дополнителен проблем за нас е и судирот на двете концепции за прашањето од кого треба да се добие тој автокефален статус: од мајката-Црква, односно од Црквата што последна имала јурисдикција врз тие простори или од Цариградската Патријаршија како Вселенска Патријаршија, вели епископот Пимен

۝ Господине Пимен, во каква состојба Македонската Православна Црква го дочекува годинашниов најголем христијански празник, Велигден?

- На Велигден, како најголем христијански празник, му претходи четриесетдневен пост. Постот, од друга страна, значи состојба на воздржание и покајание. Токму во ваква состојба Македонската Православна Црква се подготвува за прославување на најголемиот христијански празник, Велигден. Затоа што само преку покајание можеме да се надеваме на Божјата милост и на можност за влегување во воскресната радост на Христа како Глава на Црквата. А ние сме Тело Христово.


Судир на две концепции

۝ И годинава, како и во изминатите, Македонската Православна Црква се соочува со најтешкиот проблем и задача - прифаќањето на нејзината автокефалност од другите сестрински Православни Цркви. Сметате ли дека кон таа цел Македонската Православна Црква настапува со добра стратегија и тактика?

- Се согласувам со вашата констатација дека прифаќањето на нашата црковна автокефалност од помесните сестрински Православни Цркви е тешка задача што ние како Македонска Православна Црква треба да ја одбраниме и преку нашата црковна дипломатија да добиеме приврзаници во лицето на другите национално неоптоварени Православни Цркви.

Проблемот со кој се соочува Македонската Православна Црква е проблем што го имале и го имаат и другите сестрински Православни Цркви. Погледнете ја историјата на раѓањето на националните Цркви на Балканот во 19 и 20 век и ќе видите дека сите минале еден одреден период, кој помалку кој повеќе, во изолација од православната екумена. Дополнителен проблем за нас е и судирот на двете концепции за прашањето од кого треба да се добие тој автокефален статус: од Мајката-Црква, односно од Црквата којашто последна имала јурисдикција врз тие простори или од Цариградската Патријаршија како Вселенска Патријаршија. Во исто време, борбата за зачувување на автокефалноста и за признавање на Македонската Православна Црква под тоа име е и борба за зачувување на нашето уставно име.

Досегашното дејствување на Македонската Православна Црква од самото нејзино возобновување до денеска беше и е во насока на зачувување на нашата автокефалност и на нашето уставно име. Можам да кажам дека досега сиот клир на Македонската Православна Црква работеше за зачувување на автокефалноста и, од 1991 година, за зачувување на уставното име. Дали ова дејствување е вистинското ќе покаже времето. Христос вели дека дрвото се познава по своите плодови. Верувам дека досегашната работа еден ден ќе даде плодови и дека ние сите заедно ќе истраеме во борбата за зачувување на автокефалниот статус и - особено како најважно и нешто што е од големо значење - за зачувување на нашиот идентитет.

۝ Дали сметате дека нешто треба да се менува во начинот на водење на преговорите со Српската Православна Црква и што?

- Решавањето на статусот и на името на нашата Црква е работа на Светиот Архијерејски Синод, кој пак за овој проблем има формирано црковна комисија што ги води преговорите. Но решавањето на проблемот не е еднострано и не зависи само од ставот и начинот на водењето на преговорите само од страна на нашата Комисија туку и од искрената желба да се реши проблемот или не и од другата страна.

Затоа, сметам дека нема што битно да се менува во водењето на преговорите. Можеби само треба да се анализира досегашната работа на нашата Комисија и да се извлечат заклучоци што би помогнале во остварувањето на нашата цел. Според мене, најдобри резултати имавме во периодот на нашата мобилна дипломатија, кога во неофицијални средби со претставници на високиот клир на другите Православни Цркви успеавме да ја разбиеме сликата што Српската и Грчката Црква ја даваа за нас како Црква. Ако нешто се менува, може да се менува во таа насока.

۝ Изборот на нови епископи е значаен чин за секоја Православна Црква. Со што очекувате дека ќе се соочите во работата на Светиот Синод на Македонската Православна Црква?

- Нашиот избор можеби е значаен повеќе поради тоа што првпат се избрани тројца епископи одеднаш. Ние тројца се познаваме меѓусебно повеќе од десет години и сме работеле заеднички. Тројцата веќе осум години сме клирици на Македонската Православна Црква и работевме на пастирското поле, како и на полето на возобновување на монаштвото. За нашата активност во Синодот не би можел ништо конкретно да кажам, затоа што нашата активност во голема мера ќе зависи од задолженијата што ќе ни ги одреди Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква. Но, во мое име можам да ветам дека сите задолженија совесно ќе ги извршувам. На ниво на епархија, пак, би продолжил онаму каде што привремено, поради моето дошколување во Франција, ја оставив мојата секретарска должност.


Младоста не е опасност

۝ Постои мислење дека новите тројца викарни епископи на Македонската Православна Црква се премногу млади за таква одговорна должност. Постои ли извесна опасност од тоа?

- До колку години човек е премногу млад? Каноните на Православната Црква за епископско достоинство велат дека се потребни 30 години и дека на таа возраст човек е доволно зрел за да излезе на проповед. Од друга страна, не ми е јасно во кој поглед гледате опасност во нас? Што, според вас, значи ризик за Македонската Православна Црква? Одлуката за наше назначување за викарни епископи не беше нешто што преку ноќ им падна на памет на нашите духовни отци и епископи и веќе наредниот ден се реализира. Тоа беше плод на нашето залагање во нашите манастири, на собирањето духовни чеда околу нас и заедничката доверба со досегашните епископи и, секако, на совесното работење по епархиите.

Јас, лично, неколку години наназад, како што веќе напоменав, ја извршував и сè уште ја извршувам секретарската должност во Струмичката Епархија. Искуството што го стекнав во изминатиот период ми дава сила и храброст да ја извршувам најсовесно новата одговорност пред која сум исправен. Лично, како човек, знам дека сум подложен на искушенија и Му благодарам на Бога што е така. Кога човек е ослободен од искушенија се заборава и мисли високо за себе. Тогаш е поголема опасноста од грешка. Сепак, јас сум христијанин и верата моја не е во мене, ами во Христа Бога.

۝ Ова Ве прашувам заради заминувањето на група млади монаси и монахињи од Македонската Православна Црква и нивното приклучување кон т.н. „Православната охридска архиепископија" на расчинетиот владика Јован...

- Сè уште сакам да верувам дека тоа што се случи е само различен концепт на решавање на проблемот на расколот. Сепак, патот по кој решија да тргнат засега е непознат во Православието. Ниедна Црква од шизмата не излегла на тој начин, односно со парцијално решавање на проблемот и преминување на клирик по клирик, верник по верник.

А што досега направи т.н. „Православна охридска архиепископија"? Очигледно е дека нивното дејствување не наиде на поддршка кај Македонецот. Најголемиот нивен успех е тоа што успеаја сè уште да се задржат во споменот на некои новинари што постојано го актуелизираат нивното постоење. Доколку успееме сите ние заеднички да ги ставиме во заборав, мислам дека ќе го маргинализираме нивното постоење. Тогаш дури сигурно ќе бидат осудени на неуспех.

۝ Дали изборот на нови викарни епископи значи и извесно свртување на Македонската Православна Црква кон младата генерација, а што е прилично запоставено во нејзината мисија?

- Сегашниот висок клир на Македонската Православна Црква е ракоположен речиси на наша возраст. Тоа секако значи дека Македонската Православна Црква отсекогаш била свртена кон младите генерации. Од друга страна, и старите луѓе што денес ги затекнуваме во Црква некогаш биле млади. Просечната возраст кај монаштвото во манастирите е триесетина години. На големите христијански празници можете да забележите дека е сè поголем бројот на млади луѓе што не само што доаѓаат на празникот туку и земаат активно учество во светотаинскиот живот на Црквата. Тука пред сè мислам на исповедта и причестувањето.

Од средината на 90-тите години веќе се случи една преродба во Македонската Православна Црква, кога многу млади луѓе заминаа во манастир. Сите нивни ближни веќе добија поинаква слика за Православната Црква воопшто. Со отворањето на манастирите ни се даде можност да го видиме Православието однатре. Да ја видиме суштината, а не искривената форма што дејствува непривлечно за случајните посетители на храмовите. Многубројната теолошка литература што е издадена во последниот период исто така влијаеше за свртување на младите. Се поставува прашањето дали Црквата се сврте кон младите или младите се свртеа кон Црквата. Како и да е, фала Му на Бога, денес црквите ни се полни со луѓе од најразлични возрасти.

 

interview-то е објавено во велигденскиот број на „Дневник“ (30.04. 2005 г.)