Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сочувство по повод упокојувањето на Преосветениот епископ Шабачки, Лаврентиј (24.01.2022 17:23)

Ваша Светост,

Особено Нѐ оскрби жалната вест за упокојувањето на Преосветениот епископ Шабачки, Лаврентиј. Затоа, дозволете ми во Наше име, во името на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква Охридска архиепископија, на свештенството, монаштвото и на сите верни чеда, да изразиме искрено сочувство и братско сострадание во болката на сестринската Српска православна црква, на Шабачката епархија и на сите коишто го почитуваа Епископот Лаврентиј.

Неговата богољубива личност и неговото црквољубиво и родољубиво дело, неговата „безусловна оддаденост на Црквата, на нејзиното устројство, на поредокот и на единството“, како што нагласи Вашата Светост, го покажа овој јерарх Христов како пастир добар, посветен богослужител, богољубив, човекољубив и смирен монах, грижлив отец за доверената паства...

Господ Исус Христос, Кој е воскресение и живот, нека ја упокои душата на новопретставениот Епископ Лаврентиј во место добро, место блажено, место мирно, таму каде што се упокојуваат праведниците – во населбите на Авраама, меѓу хоровите на светителите...

Бог да го прости и нека му дарува Царство Небесно!

 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И MАКЕДОНСКИ
г.г. Стефан

 

 

До 

Неговата Светост,

Архиепископот Пеќски,

Митрополит Белградско-карчовачки

и Патријарх Српски

г. г. Порфириј