Соопштение (03.03.2022 11:05)
Следејќи ги воените дејствија на територијата на Република Украина, ја изразуваме нашата загриженост, што и во ова современо доба, војната е избрана како решение за меѓусебните несогласувања.
Мирот е доблест и треба да е светиња за секој човек, а особено за православните христијани, зашто за мир нѐ повикал Бог! (1 Кор 7, 15). Затоа мирот треба да се чува – најпрво мирот со Бога, мирот во себе, што ќе придонесе и за мир со ближните и за мир со сите (Евр. 12, 14).
Ги повикуваме свештенослужителите, монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на непрестајни и усрдни молитви пред Господ на мирот, правдата и љубовта за да се воспостават мир меѓу завојуваните страни, добра волја меѓу народите во целиот свет, како и разум и миротворна мудрост кај државните раководители. Впрочем, и Господ Исус Христос ни оставил миротворна порака: Да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг (Јн. 13, 34).
Претседател на Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква
Архиепископ Охридски и Македонски
Стефан