Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ! (05.05.2005)

„Дојдете рожби на новото лозје, во самиот ден на Воскресението во Царството Христово да се приброиме, воспевајќи Го Бога во веки.“

 

„Оној Кој воскресение му дарува на човечкиот род како јагне на колење се приведе, се уплашија кнезовите адски, и вратата на плачот падна: Царот на славата влезе, на подвластените велејќи им ’излезете!’ и на оние во темнина ’просветлете се!’.

 

 

 

 

 

Христовото Воскресение во Скопје и во градовите ширум земјава го прославија илјадници православни христијани, кои во саботата пред полноќ ги исполнија црквите и манастирите на Македонската Православна Црква земајќи учество во богослужењата на бдението на неделната пасхална ноќ. Народот во реки, по булеварите околу соборниот храм на Свети Климент Охридски, по најшироката околина на црквата на Светиот великомаченик Димитриј во Скопје, во многупосетуваната црква на Преподобна Параскева и насекаде по градот иташе да празнува под благодатта на Воскресението, како ретко кога препознавајќи се себеси во добронамерното мноштво како Тело Христово. Државните достоинственици – по лично наоѓање и од љубов кон верата на народот - и самите побрзаа да Ѝ оддадат чест на неминливата Светлина и непропaдливата Вистина, Христос Господ, и да му се поклонат на Неговото животодавно и со векови прославувано Воскресение.

 

 

 

„Господи, Твоето раѓање од Отецот е беспочетно и непрестајно, Твоето воплотување од Дева за луѓето непоимливо и неискажливо, а слегувањето во адот, за ѓаволот и за неговите ангели е страшно. Смртта ја победи, тридневен воскресна непропадливост на човекот дарувајќи му, и голема милост.“

 

„Со Крстот Твој си ја отстранил клетвата од дрвото, со Твоето погребение си ја умртвил власта на смртта, со Воскресението Свое си го просветлил родот човечки. Затоа Ти повикуваме: добродејствен Христе, Боже наш, слава Ти!“

 

 

 

 

 

„Навистина свештена и сепразнична е оваа спасителна ноќ на светлоносниот ден, и светлозарна, на воскресението првовесничка. Во неа беспочетната светлина од гробот телесно на сите им блесна.“

 

„Иако во гроб Си слегол Бесмртен Ти адската сила си ја урнал и си воскреснал како победник, Христе Боже, на жените мироносици им рече ’радувајте се!’, на Твоите апостоли мир им подари, на паднатите пак, воскресение им даваш.“

 

 

 

 

 

 

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, на литијата на Полуноќницата на Воскресение во соборната црква на Свети Климент Охридски ја испрати радосната вест делејќи светлина меѓу многубројните верни и на великиот поздрав ’Христос воскресе!’ наоѓајќи го древниот одговор ’Воистину воскресе!’. Утрото во неделата во црквата на Свети Климент беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан во присуство на мноштво притекнати верни.

 

 

 

 

 

 

 

 

Со надеж дека Божествената благодат многумина ќе ги внесе во подлабоките димензии на верата во Вистината, која е Христос, допирајќи ги нивните срца да го пронајдат во себе залогот на Светиот Дух примен со Крштението, да тргнеме сите кон мерата на совршениот раст Христов, вподобувајќи Му се безрезервно на човекољубивиот Господ заради полнотата на нашето лично воскресение. Амин.

 

 

 

 

 

 

„Тебе распантиот и погребаниот ангелот Владика Те нарече, на жените велејќи им: ’Дојдете видете Го местото каде што лежеше Господ, воскресна како што прорече, бидејќи е сесилен. Затоа Ти се поклонуваме, Тебе, единствениот бесмртен, Животодавецу Христе, помилуј нѐ.“