Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинденско послание (30.07.2022 12:24)

† СТЕФАН

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО

И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

– ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА,

А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

 

 

Спаси го Господи народот Твој,

 и благослови го Твоето наследство[1].

 

 

Возљубени празникољупци,

Денес Светата Црква чествува едно од најсјајните светила на богоизбраниот старозаветен, но и на новоизбраниот народ Божји – светиот пророк Илија, великиот Христов предвесник, земниот ангел и небесниот човек. Овој великан на духот, со својата силна вера во вистинскиот Бог, успеал да го зачува избраниот народ од богоотпадништво; со својата исклучителна ревност за Бога, самиот храбро им се спротивставил на многубројни незнабожечки жреци и ги разобличил; благодарејќи на своите подвизи, се удостоил на боговидение; со грижата за бедните и болните, го покажал своето човекољубие; со својот дар на чудотворство, можел мртви да воскреснува, храната да ја умножува, небото да го смирува, а кога било потребно и да измолува дожд...

Како праведен и богоугоден човек, пророкот Илија од Бога бил даруван да покажува и уште многу други знаци и чудеса. За сето тоа и поради целокупниот негов светлозарен живот, тој се удостоил жив да биде вознесен на небесата. Подоцна, при Преображението на Спасителот на гората Тавор, се појавил заедно со Мојсеја и разговарал со Христа[2], па и на тој начин се покажала неговата улога во спасоносното дело Божјо.          

 

Возљубени во Господа,

Богоугодниот живот на светиот пророк Илија е силен показател дека делата на верата и на љубовта секогаш победуваат. Во неговата личност имаме еден од најдобрите примери дека во отуѓениов свет, во кој неретко царува беспоштедна борба на секого против сите, токму библискиот закон на љубовта ни овозможува да излеземе од прангите на егоизмот, на самодоволноста и на саможивоста, и да ги согледаме Божјиот образ и подобие во секој човек. Христијанинот, кој е тоа по животот и по делата, а не само по името[3], себеси се смета за дел од небоземната заедница на Телото Христово. Затоа, богољубивиот човек се стреми неговиот однос кон ближните и кон Бога да биде одраз на односот меѓу лицата на Троединиот Бог. Како што Отецот целосно Му се оддава Себеси на Синот, Кого што Го раѓа, и на Светиот Дух, Кого што Го происходи; како што Синот покажал послушание за да ја исполни волјата на Отецот и за да ни Го испрати Светиот Дух; и како што Светиот Дух Им се самопредава на Отецот и на Синот, така и ние, чедата на вистинскиот Бог – Кој е Бог на љубовта[4], покажуваме дека сме Негови само доколку имаме љубов кон Творецот, кон ближните, кон Татковината, кон светот и кон сè што е во него...

Возљубени потомци на славните илинденци,

Човекот, кој љуби, е роден од Бога и Го познава Бога[5], а таквиот е личност со внатрешна слобода[6]. И колку повеќе љуби и добротвори, толку послободен станува, зашто нема друга слобода, освен онаа постојано и оддадено да му се служи на она што е добро и праведно. Такви слободољупци беа и нашите илинденци, кои пред 119 години загрмеа како громовници, храбро исправајќи се против ропската другородна и друговерна власт, за нашиот народ на дело да увиди дека носењето на светото име рисјанско подразбира подготвеност за оддавање на сè, вклучително и жртвување за своите ближни[7].

Познато е дека илинденците биле свесни за опасноста Републиката да згасне во пламен што ќе ги проголта и самите нивни животи, но уште посвесни биле за христијанската повелба да стоиме во слободата со којашто Христос нè ослободи и никогаш да не се подаваме под ропски јарем![8] И токму благодарејќи на нивната жртва, бил подготвен патот и за асномското поколение да се избори за слобода и за државотворност, за слободна македонска република.

Имено, борејќи се за слободата, нашите борци во Големата војна биле водени од храброста на илинденците, па пееле со поетот: „Не очајувам јас што бура ги покоси. Еве, никнат други во расчадените пожари. Погледни тука – ете го Питу Гули, а ти пак си … Никола Карев“[9]. Тие, со свесноста дека народот наш изобилува со рожби подготвени да се приклучат во битката за продолжување и завршување на илинденското дело и следејќи го нивниот пат, во историската 1944 година, на Илинден, победоносно го доодиле патот до слободата, создавајќи своја македонска држава.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Живеејќи со неправдата нанесена со Султанското ираде од 1767 година, нашата Црква во 1958 година се избори за своја црковна самостојност, за во 1967 година да прогласи и целосно возобновена автокефалност. Оттогаш, таа цели 55 години непоколебливо опстојуваше уверена дека неприфаќањето од страна на сестринските православни Цркви ќе помине и, порано или подоцна, таа ќе биде причислена во сеправославната екумена. И ете, по Божјата милост, во периодот на овогодинешното пасхално прославување – се случи токму тоа! Се исполни времето: со историската и богољубива одлука на Вселенската Патријаршија за наше канонско и литургиско единство, а потоа и со покажаната љубов од Српската Православна Црква, православниот свет ја виде и ја прифати нашата вистина.

Ова мудро и слободољубиво делување на Црквата треба да биде патоказ за следење и на останатите носители на возвишената одговорност за зачувување на нашиот национален, историски и културен бит. Црквата наша, бивајќи верна пред Господа и само на Него надевајќи се[10], ја дочека правдата, па ако и Државата опстојува во вистината, не коленичејќи пред посилните на денот – и таа ќе успее неа да ја покаже и докаже. А за да биде така, сите ние треба постојано да ги имаме на ум предупредувачките зборови на великанот на речта, нашиот Конески, кој вели: „До кај што сум ја пренесол својата љубов, дотаму е мојата татковина. А вие... на што сте смислиле да ја сведете?!“[11].

Што ќе му одговориме и нему и на сите што мислат како него? Навистина, на што намислиле некои од некаде, а други овде прифатиле, да ја сведат Татковината? Очигледна е опасноста да ја загубиме нашата национална самобитност, а тоа несомнено ќе значи губење на слободата, на таа толку тешко стекната благословена придобивка од страна на нашите претходници. Затоа, имајќи ја секогаш пред очи жртвата на Илинденците и Асномците, да стоиме простум, да стоиме добро, во запазувањето, во чувањето и во негувањето на нашите идентитетски посебности - историјата, културата, јазикот...

Ако сакаме да нè има, ако заслужуваме да нè биде, нужно е да сфатиме дека не смееме да бидеме индиферентни кон обидите да ни го одземат тоа со коешто се идентификуваме; дека не смееме да се обескоренуваме себеси за никакви геополитички цели; дека говорителите на овој преубав јазик – таа наша единствена неподелена татковина – не смеат да прифаќаат да се негира неговото постоење. Сето тоа е недозволиво и неприфатливо, сето тоа го скршува духот на нашата младина, доведувајќи ја до тоа Татковината да ја гледа како привремена станица од која ќе се упати во широкиот бел свет.

А за да го запреме тоа, треба да го почитуваме делото и споменот  на илинденците, на партизаните и на сите борци и бранители, паднати за духовна и за национална слобода на Македонија. Но, треба да ги славиме во вистинската смисла на зборот! Имено, не само комеморативно на денешниов ден да си спомнуваме за нив, туку така што секој од нас поединечно и сите ние заедно ќе ги подражаваме и во богољубието, и во домољубието, и во трудољубието и во саможртвувањето! Слободата мора да се заслужи и за Татковината треба да се бориме без да се плаши срцето наше, ниту да се бои, зашто љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот[12] и станува совршена жртва, по примерот на Христовата крсна жртва.

Затоа, да им бидеме подобни во верата во Бога, во надежта за иднината на сите нас, во љубовта за сите и за сè, та да се покажеме како достојни чеда, како достојни синови на Црквата и на Татковината!

По молитвеното застапништво на светиот пророк Илија, нека ни се честити и вечни двата Илиндена! Амин!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

† СТЕФАН

АРХИЕПИСКОП

ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

заедно со членовите на Светиот архијерејски синод

на Македонската Православна Црква 

– Охридска Архиепископија

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и

   администратор Австралиско-новозеландски

† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и

   администратор Австралиско-сиднејски

† НАУМ, Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН, Митрополит Европски

† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско-гостиварски

† ГРИГОРИЈ, Митрополит Кумановско-осоговски

Илинден, 2022-то лето Господово

 



[1]                Пс 28, 8-9

[2]                Сп. Мт 17, 3; Мк 9, 4.

[3]                Сп. Свети Климент Охридски, Собрани дела: слова, поуки и житија,   САС на МПЦ – ОА, Скопје 2013, 382.

[4]                Сп 1 Јн 4, 16.

[5]               Сп. 1 Јн 4, 8.

[6]                Сп. 2 Кор 3, 12 и Јн 8, 32.

[7]                Сп. Јн 15, 13.

[8]                Сп. Гал 5, 1.

[9]      Никола Вапцаров, „Илинденска“, Творби, Мисла, Скопје 1979.

[10]    Сп Пс 36, 7.

[11]     Блаже Конески, „Татковина“, Поезија, Просветно дело, Скопје 2017.

 

[12]     1 Јн 4, 18.