Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Ерусалимскиот Патријарх јавно осуден и практично расчинет (06.05.2005)

Братството на Светиот Гроб го смета Патријархот Иринеј за расчинет, со оглед дека 13 Синодски Митрополити со нивните потписи јавно го осудија и побараа негова оставка. Врз основа на статутот на Ерусалимската Патријаршија Иринеј веднаш се прогласува за расчинет штом 2/3 од Синодот тврдат дека тој не може да им служи на интересите на Патријаршијата. Патријаршискиот Синод кој официјално ќе прогласи дека Иринеј е отстранет од неговата служба е во тек. Синодот ќе назначи тричлен одбор да се справи со тековните прашања и да ги извести владите на Јордан и Израел, како и палестинските власти, дека Ерусалимскиот Патријарх е отстранет. Во меѓувреме, Архиереите и свештенството на Светиот Гроб привремено ја презедоа во свои раце Патријаршијата. Оваа постапка произлезе од спорот помеѓу Патријархот и Архиереите, кои по вториот неуспешен обид да се свика Светиот Синод во 16.00 часот попладне Патријархот ги пресретна со вербален напад. Случувањата се тема на разговор и на состанокот во Грчкото Министерство за надворешни работи, на кој присуствува заменикот Министер Панајотис Скандалакис и останатиот персонал.

 

Адвокатот на Патријархот, Франгискос Рагусис, исто така учествуваше во инцидентот и беше отстранет од зградата, додека Иринеј ја напушти Патријаршијата набргу потоа, избркан од своите свештеници и придружуван од полицајци и од своите возачи. Во моментов патријархот го чува израелската полиција, додека монасите ги заклучија портите на Светиот Гроб и не дозволуваат влез на мирјани. 

 

Претходно Патријархот Иринеј во контакт со Цариградската Патријаршија го изрази своето противење во однос на присуството на тричлена делегација на Цариградскиот Патријарх во Ерусалим, составена од: Кидониско-апокоронскиот Митрополит Иринеј, Филаделфискиот Митрополит Мелитон и игуменот на манастирот Ивирон, Василиј Гондикакис. Наспроти ова г. Иринеј предложи тој да испрати тричлена делегација во Истанбул што би му ја објаснила на Цариградскиот Патријарх состојбата во Ерусалим. Но и покрај противењата на патријархот Иринеј, делегацијата доцна вечерва ќе замине од Истанбул за Ерусалим.

 

Од своја страна Патријархот Вартоломеј денес, во своето прво јавно обраќање во врска со ситуацијата во Ерусалим во последните три недели, изјави: „Повремено, како што беше случајот неодамна во Украина, во БЈРМ и сега во Ерусалим, нè повикуваат да помогнеме при решавањето на несакани проблеми коишто постојано се појавуваат, како координативен центар на Православието“.

 

информацијата преземена од: http://news.ert.gr/newsDetails.asp?ID=133329, http://news.ert.gr/newsDetails.asp?ID=133070