Соработниците на Патријархот Иринеј затекнати во префрлање пари и оригинали на полномошна од канцелариите на Патријаршијата во неговиот дом (08.05.2005)
Денес Патријархот Иринеј ја потврди својата одлука за недавање оставка наспроти фактот дека тринаесетмина синодски Архиереи бараат тој да биде отповикан. Патријархот е чуван во неговиот дом од израелски полицајци и од лични телохранители. Според некои извори тој преговара за своите следни чекори и постои можност да побегне од земјата, додека неговиот финансиски управник одбива да соработува или да ги предаде клучевите од канцелариите на финансиските служби, поттикнувајќи нови тензии во Ерусалим. Последните инциденти се случија меѓу Архиереите, соработниците на Патријархот и еден грчки полицаец што го чува, откако членовите на Синодот увидоа дека соработниците на г. Иринеј се обиделе да префрлат во неговиот дом пари и повеќе документи од канцелариите. Во меѓувреме се очекува Јордан да го ратификува синодското отфрлање на Патријархот, додека палестинските власти веќе официјално соопштија дека ги поддржуваат Архиереите од Синодот. Од друга страна, г. Иринеј испрати писмо до Цариградскиот Патријарх во коешто му ги објаснува причините заради коишто не дава оставка, додека во друго писмо тој им се заканува со санкции на Архиереите од Светиот Гроб и на клириците што му се спротивставуваат.
Ерусалимскиот Патријарх преговара
Во Ерусалим и Патријаршијата осамна ден полн со инциденти при објавувањето дека патријархот во обид да префрли документи и пари испратил свои соработници во финансиските служби, каде што нему му е дозволен влез за разлика од членовите на Синодот. Супервизорот Корнилиј придружен од голема група Архиереи веднаш поита до канцелариите на финансиските служби каде што беа фатени архимандритот Фотиј и еден грчки полицаец, член на личната служба за обезбедување на патријархот, како префрлаат вреќи полни со пари и повеќе оригинални полномошна.
Парите биле во кипарски фунти, а полномошната биле назначени за адвокатот и за Никос Пападимас коишто патријархот Иринеј ги ангажирал да управуваат со неговиот недвижен имот, а биле пријавени како изгубени. Тие сите биле конфискувани од страна на членовите на Синодот коишто обидот за нивно скришно изнесување го пријавиле во полиција.
Малку потоа на известувачите им било доставено писмо на г. Иринеј во коешто тој на Архиереите на Светиот Гроб и на сите клирици што му се спротивставуваат им се заканува со санкции. Тој ги повика да престанат да се сомневаат во него зашто во спротивно ќе биде присилен да им наметне санкции во обид да го сочува угледот на Грчката Православна Патријаршија.
Членовите на Синодот останаа без коментар, сепак јасно изјавувајќи дека како отповикан од таа должност г. Иринеј веќе не го сметаат за патријарх.
Вчера г. Иринеј испрати писмо до Цариградскиот Патријарх Вартоломеј во кое ги објаснува причините за своето недавање оставка. Потоа се сретна со Архиереите од Ерусалимската Патријаршија на коишто им повтори дека одбива да даде оставка, а по ова имаше состанок со близок соработник од финансиските служби, како и со шефот на полицијата во ерусалимскиот Стар Град, барајќи од вториов да му обезбеди полициска заштита. Шефот на полицијата го одобри барањето, сепак советувајќи го да ги ограничи своите појавувања во јавноста, а заради моменталните околности.
По ова Патријархот Иринеј ја прими посетата на тричлената делегација на Цариградската Патријаршија, но при овој краток состанок не беше дискутирано ништо позначајно, јавуваат изворите.
Од своја страна делегацијата, за да ја процени ситуацијата, се сретна со тричлениот одбор што времено ја презеде управата со Ерусалимската Патријаршија. Во понеделник делегацијата на Цариградската Патријаршија ќе го сослуша братството на Светиот Гроб на средба во Фанар.
информацијата е преземена од http://news.ert.gr/newsDetails.asp?ID=133507