Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Се упокои Митрополитот Пергамски Јован (Зизиулас) (02.02.2023 18:28)

На 2 февруари, на празникот Сретение Господово (по нов стил), на 92-годишна возраст почина митрополитот Пергамски Јован (Зизиулас). Митрополитот Јован, заедно со Митрополитот Калист (Вер), беа најпознатите современи православни теолози и философи, воедно архиереи на Вселенската Патријаршија. Тој почина вчера во болница во Атина, каде што се лекуваше последниве недели.

Митрополитот Јован е роден на 10 јануари 1931 година во селото Катафигио, Кожанска област. Дипломирал на Теолошкиот факултет во Атина во 1955 година. Докторирал на тема „Црковното разбирање на Евхаристијата и епископот во првите три века“. Прашањето за улогата и местото на епископот во православната Црква секогаш играла важна улога во неговите теолошки дела.

Предавал теологија на Семинаријата „Св. Владимир“ во Њујорк (1961-1963) и на богословската Семинарија на Светиот Крст во Бостон (1963-1964), а потоа и на универзитетите во Единбург и Глазгов, Шкотска. Потоа бил избран за професор по догматика на Универзитетот во Солун. Во јуни 1986 година, на 55-годишна возраст, во рок од една недела (на 22.06.1986 година) е ракоположен за ѓакон, презвитер и епископ во Патријаршиската црква „Св. Георгиј Победоносец“ во Фанар и станал митрополит Пергамско-Адрамитски. Подоцна, неговиот оддел бил прогласен за „постар“ и бил возведен на прво место во хиерархијата на Вселенската Патријаршија.

Во 1993 година бил избран за член на Академијата во Атина, а во 2002 година бил нејзин претседател, со што станал првото свештено лице на чело на авторитетната научна институција. Тој претседавал со неколку сеправославни претсоборни состаноци и подготвителни комисии за Сеправославниот Собор. Бил копретседател на Комисијата за дијалог меѓу православната и римокатоличката црква, како и раководител на претставништвото на Вселенската Патријаршија во Атина. Учествувал на бројни меѓуправославни и верски трибини во последните децении.

Неговото теолошко наследство има огромно влијание врз современата православна теологија, а прашањата што ги покрена денес се непроменлив дел од теолошките истражувања во сите школи и гранки на христијанската теологија. Центарот на неговото истражување беше теологијата на личноста (лицето), која, според него, е централниот концепт на христијанската онтологија, како и концептот на Триединиот Бог – една Суштина во три Лица. Меѓу неговите најпознати книги се „Битието како заедница“, „Од маска до личност“, „Средба на два света“, „Св. Силуан Вселенски“ , „Творението како Евхаристија“ итн.

Царство му небесно и вечен му спомен!

Извор: Бигорски манастир