Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Телеграми со сочувство до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј и до Антиохискиот Патријарх г.г. Јован Х (09.02.2023 17:02)

По повод ужасниот земјотрес којшто ги погоди Турција и Сирија, земји коишто се дел од канонските територии на Вселенската и на Антиохиската Патријаршија, Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан на 7.2.2023 година, испрати Телеграми со сочувство до Претстојателите на овие две Цркви ‒ Неговата Сесветост Всленскиот Патријарх г.г. Вартоломеј и Неговото Блаженство Антиохискиот Патријарх г.г. Јован Х. Искажувајќи го своето најискрено сочувство до обата Патријарха, Архиепископот истакна дека македонски народ сострадува со сите погодени од оваа страшна природна катастрофа, а дека тој од свое име и од име на сите архијереи на нашата помесна Црква проси од Бога „да ги утеши семејствата на постраданите, да ги упокои загинатите, да им даде сила и побрзо закрепнување на повредените, да им даде истрајност и храброст на тие што учествуваат во спасувањето“.

Воедно во Телеграмата кон Вселенскиот Патријарх, Архиепископот искажа сочувство и за блаженото упокојување на Митрополитот Пергамски Јован Зизиулас, еден од водечките современи православни богослови, кој се упокои на 2 февруари на 92 годишна возраст, Архиепископот истакна дека личноста на Пергамскиот Митрополит „ја заслужува благодарноста на православните христијани, но и на сите оние кои ги почитуваа неговите живот и дела, и ќе остане запаметена како светла и богопросветена во историјата на Црквата“. Исто така, во истата Телеграма, Архиепископот упати и зборови на сочувство кон Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј по повод неодамнешното упокојување на неговата благочестива сестра Захарија Анастасиаду, просејќи од Бога да „ја прими нејзината богољубива душа во лоното на Авраам и кон праведните да ја присоедини“.