Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ВЕЛИКОПОСНА МОЛИТВА на СВЕТИ ЕФРЕМ СИРИН (01.03.2023 10:01)

Господи и Владико на животот мој, не давај ми дух на мрзеливост, униние, властољубие и празнословие. (земен поклон)

Дух на целомудрие, смиреномудрие, трпение и љубов – дарувај ми мене, слугата Твој. (земен поклон)

О, Господи Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија и да не го осудувам братот мој, зашто си благословен во вечни векови. Амин! (земен поклон)

***

Оваа молитва на преподобниот Ефрем Сирин се нарекува молитва на чистото срце, затоа што изникнала од совршено очистено и свето срце и ум кој е просветлен со Божјата благодат. Светиот Ефрем Сирин Го моли Бог да го избави од сѐ што е непорочно и богонеугодно и да го удостои со добродетели.

Преподобниот Ефрем Сирин молитвата ја започнува вака:

Господи и Владико на мојот живот; не давај ми дух на мрзеливост... Мрзеливоста е опасен порок. Таа е мајка на многу пороци, а посебно е погубна за духовниот живот. Поради мрзеливоста може да нѐ обземе дух на мрзоволие, па затоа свети Ефрем Сирин, а и ние со него велиме: Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзеливост. Дух на мрзеливост или дух на униние е она што предизвикува пад на духот. Унинието е голема опасност која му го попречува патот на христијанинот кон Христос. Освен мрзеливоста причинители за унинието се и гордоста, очајанието, како и тешките болести. Главното средство против унинието е молитвата. Кога ќе стапите во разговор со Бог, Он ве утешува и го изгонува духот на унинието.

Со молитвата треба да се бориме против човечката потреба да се владее, која исто така е многу погубна. Затоа преподобниот Ефрем вели: Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на властољубие... Духот на властољубието е стремеж да се владее над другите, да се заземе првото место, а стремежот да се владее го довело до погибел архангелот, првиот од сите ангели, и направило од него сатана и отпадник од небото. Властољубието ги погубило сите еретици кои се ставале самите себе над Црквата и сакале да и бидат водачи. Но, нивните зборови се празни и лажливи, а Господ Исус Христос рекол дека за секој збор ќе дадеме одговор на Судот.

Преподобниот Ефрем Го моли Бог: Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на празнословие... Тоа што имаме моќ на говор во голема мера нѐ прави слични на Бог. Бог со збор го создал целиот свет, според тоа и човечкиот збор има голема моќ. Вие знаете дека пророкот Илија со збор воскреснувал мртви, го сопрел дождот, го заклучил небото и со тоа предизвикал глад, но со збор дал и дожд на земјата. Многу важно е да стекнеме навика да внимаваме што зборуваме и да научиме да си го врзуваме јазикот. Во своето послание апостолот Јаков вели: Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело (Јак. 3, 2).

После молбите да го спаси од страшните пороци, преподобниот Ефрем Сирин Го моли Бог да му даде добродетели. Прва од нив е целомудреноста: Дух на целомудрие – дарувај ми мене, слугата Твој... Светиот апостол Павле вели дека секој грев вон телото (гордост, суета, властољубие, завист, гнев) се страсти на душата, додека блудот и прељубата го осквернуваат не само нашиот дух, туку и нашето тело. Овде станува збор за целомудреност и на телото и на духот.

Преподобниот моли и за смирение: Дух на смиреномудрие – дарувај ми мене, слугата Твој...  Христос вели: Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце (Мат. 11, 29). Во текот на Својот земен живот Господ сведочи за смирението. Зарем не покажа совршен и невообичаен пример кога на Своите ученици им ги изми нозете? Тоа навистина претставува врв на смирението. Смирението, тој голем дар Божји, го добиваат оние кои со сето срце Го љубат Бог и се трудат да ги исполнат заповедите Христови, а кога човекот е смирен во него се вселува Светиот Дух. Но, не е возможно да се стекнеме со смирение без трпение. Христос рекол: Со трпение спасувајте си ги душите (Лука 21, 19).

Затоа преподобниот Ефрем Сирин Го моли Бог: Дух на трпение – дарувај ми мене, слугата Твој... На Бог Му е угодна молитвата за трпение и затоа нема да нѐ остави, туку ќе му помогне секому од нас и според тежината на нашиот крст ќе ни подари трпение. Бог дарува трпение и прави ничиј крст да не е поголем од неговите можности, а сето тоа е за да не паднеме во малодушност. Ако немаме љубов, тогаш сме бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи (види: 1 Кор. 13, 1).

Затоа молитвата продолжува со прозбата: Дух на љубов – дарувај ми мене, слугата Твој... За љубов треба да се молиме упорно и непрестајно. Љубовта е наголем дар на благодатта Божја. Во древните времиња, посебно за апостолското време, срцата на луѓето биле преисполнети со љубов кон Христос. За нив Господ рекол: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јован 13, 35).

Преподобниот Ефрем Сирин својата молитва ја завршува со молбата: О, Господи Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија и да не го осудувам братот мој, зашто си благословен во вечни векови. Амин! Оние кои се зафатени со осудување немаат време да се занимаваат со сопствените гревови. Во нашето око се наоѓа грев голем како дрво, но ние не го приметуваме, туку само ја гледаме раската во окото на братот. Се сеќавате ли кога при Христос донеле жена која била фатена на прељуба? Господ тогаш рекол: Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа! (Јован 8, 7). Секако дека никој не се осмелил да го стори тоа. Демонот на осудување доаѓа од гордоста, завсита, злобата, омразата, односно од недостатокот на љубов.

Чесниот пост ни е даруван за подлабоко да погледнеме во своето срце, да ги согледаме гревовите наши, да се покаеме и да Го молиме Бог да ни помогне да се ослободиме од страстите и да ги стекнеме добродетелите.

Свети Лука Кримски