Претседателот Пендаровски на средба со Вселенскиот Патријарх (13.03.2023 16:48)
Денес, 13 март 2023 лето Господово, Претседателот на државата, г. Стево Пендаровски, оствари средба со Неговата Божествена Сесветост Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, во неговото седиште во Фанар, Цариград.
За средбата, Претседателот Пендаровски на својата официјална страница напиша:
„На средбата претседателот Пендаровски искажа благодарност до Вселенскиот Патријарх за посебната улога која ја има во надминувањето на црковниот спор поврзан со нашата црква. Преку неговата одлука од 9 мај 2020 година, денес нашата Црква се наоѓа во канонско единство со другите православни цркви, прифатена како рамноправна со сите останати.
На средбата беше констатирано дека единствениот пат за добивање на легитимен и целосно прифатен Томос за автокефалност е оној кој го издава Вселенската Патријаршија.
Поради тоа очекуваме, како држава и Црква од врховното институционално тело во православието, да ни го додели официјалниот документ за црковна самостојност – Томос за автокефалност.
Со одлуките на Вселенската Патријаршија на нашата Црква и се признава правото на користење на името Охридска Архиепископија, што значи црковен континуитет од 1000 години.
Целосното заокружување на процесот на автокефалност е и од врвен национален интерес, бидејќи отвара можност за ново и духовно растење на Охридската Архиепископија, напредок и помирување во македонското општество и држава.“
Стево Пенадаровски – Претседател на Република Северна Македонија