Десетгодишнина од упокојувањето на Митрополитот Полошко-кумановски Кирил (11.06.2023 10:02)
Деновиве се навршија 10 години од блаженото претставување пред Господа на блаженоупокоениот архиереј на МПЦ-ОА, Митрополитот Полошко-кумановски Кирил. По тој повод, во манастирот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Дељадровце, каде што е погребан, беше отслужена заупокоена Литургија и трисагија од страна на надлежниот Митрополит Кумановско-осоговски г. Григориј, со молитвено учество на Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион и Митрополитот поранешен Кумановско-осоговски г. Јосиф.
Блаженоупокоениот Митрополит Кирил беше еден од најголемите борци за обнова на Охридската Архиепископија и за прогласувањето на нејзината автокефалноста од 1967 година, во лицето на Македонската Православна Црква. Важеше за народен владика и архиереј со силен авторитет.
Бил роден во Царев Двор, Преспа. Средно богословско училиште завршил во Призрен, а 1964 година се замонашил во Манастирот Света Пречиста во Кичево. На 11 јули 1967 година во тогашниот соборен храм Свети Димитриј во Скопје, бил хиротонисан во чин викарен епископ со титула Тивериополски. За митрополит на Полошко-кумановската епархија бил назначен во 1987 година.
Вечен му спомен!