Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (20.06.2023 14:38)

Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата редовна седница во пленарен (полн) состав, одржана на 20 јуни 2023 година, разгледа повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот, при што ги усвои годишните епархиски извештаи, како во Татковината, така и во дијаспората, и ја проследи дејноста на црковните воспитно-образовни институции при што се распиша и конкурс за уписи на студенти на Православниот богословски факултет и средното богословско училиште.

            Светиот Синод на МПЦ – ОА, по канонскиот отпуст на архијереите г. Јован, г. Јоаким, г. Марко и г. Давид од Соборот на СПЦ ги прифати во своја канонска јурисдикција и им ги определи следните епархии и задолженија:

За Крушевско-демирхисарската епархија го назначи Митрополитот г. Јован, со титула Митрополит Крушевско-демирхисарски;

За Дељадровско-илинденската епархија го назначи Епископот г. Јоаким, со титула Епископ Дељадровско-илинденски;

– За Делчевско-каменичката епархија го назначи Епископот г. Марко, со титула Епископ Делчевско-каменички;

– Епископот г. Давид го назначи за викарен епископ на Скопската епархија, со титула Епископ Дремвитски.

            Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија со особена грижа ги разгледа предлог-законите за матична евиденција и родова еднаквост и изразува особено жалење и загриженост што релевантните институции го игнорираа Соопштението од сите верски заедници, кои претставуваат над 95% од населението. Напротив, продолжуваат со постапката во скратена форма за сите собраниски филтри, за целосно носење на овие Закони за кои уште еднаш апелираме да се повлечат од процедура, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за општеството, а особено за неговата основна клетка – семејството.

            Негативните последиците од ваквите закони веќе ги согледуваат најстарите демократски општества во светот каде веќе се предмет на сериозна критика или отфрлање.

            Будно следејќи ги сите случувања и активни притисоци за носењето на овие Закони, длабоко сме загрижени и доведени до ситуација да мора да го заштитиме и одбраниме  семејството, а пред сѐ нашите деца.

            Повикуваме, во оваа борба за достоинство, слобода и заштита на основните верски права, да ни се придружи верниот народ, граѓанските здруженија, организации, и сите подржувачи заедно да ја заштитиме нашата вера и традиција од обидот за нејзиното искоренување спомнат во член 23 т. 5 од предлог-законот, и да излезат на мирен протест пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје на 29 јуни 2023 година во 18 часот, против донесувањето на овие Закони.

 

од Канцеларијата на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА