Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Заврши посетата на Архиепископот Стефан на Американско-канадската епархија (04.08.2023 15:45)

На 1.8.2023 година Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан се врати од тринеделната посета на Американско-канадската епархија на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија (МПЦ‒ОА), кадешто Архиепископот  замина по покана на надлежниот Архијереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Американско-канадски г. Методиј, а по повод прославата на 60 години од осветувањето на првото светилиште на МПЦ‒ОА на Северноамериканскиот континент, храмот „Свети Петар и Павле“ во Гери, Индијана.

Архиепископот пристигна во Соединетите Американски Држави на 9 јули, и беше пречекан од свештенослужителите и од раководните лица на Управниот одбор при храмот „Св. Петар и Павле“ во Краун Поинт ‒ храм наследник на истоимениот, првоосветен македонски храм. Во оваа сојузна американска држава Архиепископот престојуваше до 18 јули и за тоа време, во храмот „Свети Петар и Павле“ во Краун Поинт, Индијана чиноначалствуваше на светите Литургии на Петровден (12 јули) и во 6 недела по Педесетница (16 јули), во сослужение со Митрополитот г. Методиј, а молитвено присуствуваше на Вечерната Петровденска богослужба (11 јули) и на Павловденската Божествена Литургија (13 јули).

Вечерта, на 16 јули, Архиепископот присуствуваше на свечената прослава на 60 години од осветувањето на храмот, како главен говорник на тој прекрасен настан, на кој беа присутни и видни политички и општествени фигури од Индијана, како конгресменот Френк Мрван и градоначалникот на Краун Поинт, Пит Ленд, како и еминентни претставници на македонската дијаспора во Северна Америка.

По завршувањето на чествувањето во Краун Поинт, Архиепископот замина во Чикаго, Илионис, каде престојуваше од 18 до 21 јули и ги посети обете тамошни наши црковни заедници. Најнапред, на 19 јули, Архиепископот отслужи Вечерна богослужба во храмот „Свети Кирил и Методиј“, а утредена, на 20 јули, на празникот на светата маченичка Недела, чиноначалствуваше на Света божествена Литургија во храмот „Св. Петка“.

Потем, од 21 до 24 јули Архипастирот на Македонската Православна Црква престојуваше во државата Мичиген, во градот Детроит. Притоа, во саботата, на 22 јули, го посети храмот „Свети Ѓорѓи Кратовски“, а на 23 јули, 7 седмица по Педесетница, отслужи Божествена Архијерејска Литургија во прекрасниот Катедрален храм „Рождество на Пресвета Богородица“, во молитвено присуство на Митрополитот г. Методиј.

На 24 јули Архиепископот отпатува за Канада, каде посети 5 од нашите 7 тамошни храма, сите сместени во провинцијата Онтарио. Најнапред, веднаш по пристигнувањето, Неговото Блаженство го посети првоизградениот и првоосветен наш храм во Канада (1965 г.), „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Потоа, на 26 јули, Архиепископот го посети храмот „Света Недела“ во Ејџекс. Потем, на 27 и 28 јули повторно замина за САД, каде го посети храмот „Свети великомаченик Георгиј“ во градот Сираќуз, Њујорк. По враќањето во Канада, на 29 јули беше посетен храмот „Свети великомаченик Димитриј“ во Маркам, а истиот ден, Архиепископот отслужи Воскресна вечерна богослужба во катедралниот храм „Свети Климент Охридски“. По Богослужбата Архиепископот присуствуваше на свеченост организирана по повод на неговата канонска визитација. Утредена, на 30 јули, Архиепископот, во молитвено присуство на Митрополитот г. Методиј и во сослужение со речиси сите македонски свештеници од Онтарио, чиноначалствуваше на Божествена Литургија во храмот „Свети Илија“ во Мисисага. По богослужбата, пак, Архиепископот го посети Илинденскио пикник, којшто традиционално се одржува во Торонто и на кој присуствуваат голем број од доселените Македонци од тој канадски град.

На 31 јули, Неговото блаженство го посети храмот „Свети Наум“ во Хамилтон, со што и заврши неговиот тринеделен престој во Америка и Канада. Севкупно, Архиепископот посети 11 наши храма, 6 во САД и 5 во Канада, и чиноналствуваше или присуствуваше на 6 Божествени Литургии и на 3 Вечерни богослужби, секогаш во присуство на многуброен верен народ од нашите иселеници на Северноамериканскиот континент, коишто насекаде со голема љубов и почит го пречекуваа Претстојателот на нашата МПЦ‒ОА.