Соопштение од Канцеларијата на Струмичката православна епархија (14.08.2023 13:38)
Со оглед на тоа дека многу од верните чеда од нашата епархија живеат и
работат во Р. Италија, во Пјаченца, и кои
особено ова лето нѐ известуваа дека се изманипулирани од расчинетиот свештеник Боро Милчев,
потребно
е уште еднаш да ја кажеме вистината и да ги разобличиме лагите со коишто овој човек,
за жал отпаднат од Црквата, го манипулира верниот народ. Една од најбесмислените
манипулации со коишто се служи, е тоа дека тој е расчинет само од Струмичката Епархија, но дека служи
со „благослов“ на самиот Архиепископ. Бидејќи не е првпат од овој расчинет и
отпаднат од Црквата човек да се злоупотребува името и авторитетот на поглаварот
на МПЦ – ОА, на верниот народ му предочуваме како навистина стојат работите во
однос на расчинетиот Боро Милчев, секако потврдено со официјални документи од
МПЦ – ОА,
кои ви ги предлагаме на увид под соопштението.
Како што е познато Епархискиот Црковен суд на 19.05.2021 година донесе
одлука за негово расчинување, којашто на 23.09.2021 година беше потврдена и од
Архиепископскиот црковен суд, и најпосле беше потврдена и потпишана и од Неговото
Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Накратко кажано,
што значи ова!? Значи дека сѐ што прави овој човек нема легитимност од Црквата,
од Светиот Дух Господ, Кој ја оживотворува и устројува Црквата. Кутрите деца што
се „крстени“ од него остануват некрстени, венчаните остануваат
невенчани,
осветените домови се попрво осквернети отколку осветени,
и
тоа не само за МПЦ – ОА, туку и за сите останати помесни православни
Цркви,
несреќниот статус на овој човек е ист, бидејќи Црквата е една.
Затоа ги информираме излажаните верници
да го контактираат единствениот канонски свештеник на МПЦ – ОА во
Пјаченца, отец Климент Мишањ, или пак,
во епархиите на МПЦ – ОА во нашата татковина од каде што потекнуваат, да
се крстат и венчаат во Православната Црква, оти не може во име на Црквата да
прави ништо оној што отпаднал и е надвор од Црквата,
како што е Боро Милчев. А, што се однесува до оние што свесно го креираат тоа
расколничко дувло и го потпомагаат овој расколник, по соодветниот допис од
Европската православна епархија на МПЦ – ОА, во нашата Црква ќе бидат третирани
исто како и расчинетиот Боро Милчев, сѐ додека не се покајат и вратат во
послушание кон МПЦ – ОА.
Од Канцеларијата на Струмичката православна епархија на МПЦ – ОА