Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Недела на Сите Светии – Канонизација на преподобната маченичка Стефанида за светител и нејзино вбројување во диптихот на светите (30.06.2024 17:08)

На 30.06.2024 година во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ во Битола, Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј и Неговото Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски и на Прва Јустинијана, г. г. Стефан, отслужија Света Божествена Литургија во сослужение на високопреосвештените и преосвештените архијереи: Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Петар, Михаловско-кошички Георгиј (од Црквата на Чешка и Словачка), Црногорско-приморски Јоаникиј, Зворничко-тузлански Фотиј, Крушевско-демирхисарски Јован, Рашко-призренски Теодосиј, Европски Пимен, Тетовско-гостиварски Јосиф, Кумановско-осоговски Григориј, Делјадровско-илинденски Јоаким, Делчевско-каменички Марко, поранешниот Кумановско-осоговски Јосиф, Јегарскиот и избраниот Британско-ирски Нектариј, Хераклејски Климент, Хвостански Алексеј, Новобрдски Иларион, Топлички Петар, Дремвитски Давид, Стобиски Јаков и Велички Никола. Исто така, сослужуваа свештенослужители од Бугарската Православна Црква, Полската Православна Црква и од Црквата на Чешка и Словачка.

На Божествената Литургија, епископот Хераклејски г. Климент, ја обнароди Одлуката на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, со која преподобата маченичка Стефанида Скадарско Битолска се вбројува во ликот на светителите на Православната Црква. Споменот на преподобната маченичка Стефанида, ќе се празнува во Неделата на Сите Светии.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Извор: Преспанско-пелагониска епархија