СООПШТЕНИЕ од Кабинетот на Архиепископот Охридски и Македонски
г.г. Стефан
(27.05.2005)
Најновите информации од Српската Православна Црква уште еднаш ги потврдија нивните намери дека не сакаат да се надмине спорот меѓу Српската и Македонската Православна Црква. Имено, се вели дека Соборот на Српската Православна Црква решил својот егзархат во Република Македонија да го преименува во т. н. „автономна Охридска архиепископија“, како дел од Српската Православна Црква.
Овој акт не го менува односот на Српската Православна Црква кон нејзината експозитура во Македонија, а воедно нема никаква важност ниту за Македонската Православна Црква, која останува доследна на својот став за неменливост на автокефалниот статус и своето име.
Ваквото однесувње на Српската Православна Црква е во спротивност со Светото Евангелие и христијанската љубов, со црковните канони, традицијата и практиката во Православната Црква. Тоа самопротивречи и на Одлуката на Соборот на Српската Православна Црква од 1959 година, со која уште тогаш била објаснета новонастанатата состојба дека „епархиите во Македонија се издвоени во самостојна Македонска Православна Црква, која се управува според свој Устав” и дека „за Македонската Православна Црква престануваат да важат прописите од Уставот на Српската Православна Црква за епархиите и архиереите на територијата на НР Македонија”.
Овие најнови притисоци и закани од Српската Православна Црква, со кои се врши духовен терор врз Република Македонија, треба достоинствено да ги поднесеме, и како свештенослужители, и како народ и држава, и никому да не допуштиме да посегнува или да се обидува да ни го одземе она што е наше и што ни припаѓа само нам - на Македонската Православна Црква и на македонскиот народ и земја.
Правдата и вистината се на наша страна, а нашата Света Црква има сили и можности, со Божја помош, да ги одбрани своите права и своето достоинство.
ОД КАБИНЕТОТ НА АРХИЕПИСКОПОТ
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ