Автокефалниот мит и томосот палома (30.05.2005)
За оние што знаат дека во етнофилетистичката организација на Православните Цркви Христос знае да биде кукла на конците на политиката, а политиката – академија во која мутира верата на нацијата, не е неверојатно кога нешто што е совршено јасно во Рим – не се разбира во Белград. Веста за спектакуларното прекинување на односите на Српската Православна Црква со Македонската Православна Црква, односно веста за решението на СПЦ да инсталира православна охридска архиепископија (ПОА) во Македонија со благослов да ги ликвидира „канонските деформации“, во најстарото европско христијанство (!), стигна само три дена откако наследникот на тронот на Св. Петар детектираше три битни точки на историската, современата и перспективната идентификација на Македонија со епохалното дело на Светите браќа Кирил и Методиј: европскиот дух, автентичното христијанство и култура и основите за мир меѓу различните народи.
„Инспириран од вашето религиско и културно наследство, сакам да ве уверам дека моите молитви се упатени кон саканиот македонски народ, кој може да постигне напредок кон иднината. Затоа, нека ја благослови Бог вашата земја и македонскиот народ“, истакна папата Бенедикт Шеснаести пред македонската државна и црковна делегација која беше дошла во Рим да го одбележи денот на апостолите и на сесловенската писменост.
Религиското и културното наследство што како универзална христијанска и поширока вредност (Европа, мир, автентичност) го инспирира папата, го инспирира и Соборот на СПЦ, но не како прашање на односот кон животот, кон перспективите и кон Бога, не како прашање на верата, љубовта и надежта, туку како мизансцен, како инструмент и медиум за решавање на некои прашања кои во својата суштина се многу далеку од универзалноста, не се ниту верски, ниту, пак, се црковни, туку се, пред сè, политички, дури, би можело да се каже етнополитички. Само така може да се објасни драстичната разлика во перцепцијата на папата, кој со извонредна аргументација и интонација благословува субјекти за кои Српската Црква смета дека се достојни само како цел на нејзината вехементна игноранција и инетрвенција, на нејзиниот презир и на Божјиот бес што го довикува.
СПЦ и некои делови од елитата во Белград никогаш нема да бидат во состојба рационално да го разберат и да го прифатат фактот дека секоја големосрпска експанзија закономерно, значи, задолжително и без искулчок, завршува со пораз. Тоа е така затоа што не се во состојба рационално да ја одредат својата граница, односно да ја препознаат границата на другите и да го разберат времето. Некои агресии им се скршија од главата додека уште немаа свест дека преминале на туѓа територија. Имаат, значи, проблеми да ја разберат и да ја дефинираат сопствената агресивност и експанзивност. Тоа е првенствено прашање на ориентацијата, односно на културата, на филозофијата, на духовноста, а дури отпосле на војската, на политиката, на Црквата.
Да е барем малку поинаку, односно поразумно, Црквата која пред петнаесетина години во Прибиловци ги пребројуваше коските на старите српски жртви, која ги шеташе коските на цар Лазар низ „вечните српски пространства“, формирајќи го така и на бројни други начини духовното озрачување што доведе до крвавата југословенска драма, не би можела потоната во трајно покајание да произведува нови Цркви на туѓи територии и нови експанзии преку одново непрепознатите граници со братските соседи. Не би можела да го фрла сопствениот народ во нов ред на стари заблуди и да го тера со луда надеж да ги чека новите сè повисоки пенали на историјата, на животот и на светот. ПОА е феноменална продукција на попските матични клетки на големосрпството, кои на новиот смешен клон му одредуваат брза смрт, а на СПЦ пораз. Еве зошто?
Томосот на Јован не ја разорува Македонската Православна Црква, туку преку личноста на која му е даден, преку неговиот, црковен и верски хабитус, преку тоа што го работи во светот на Православието во Македонија, го демистифицира томосот како релевантен црковен документ со претензии да одредува статусни прашања во Православните Цркви. Истовремено, се демистифицира статусот на СПЦ како валиден издавач на такви енормно важни документи кога веќе се ставија или ја ставиле, сеедно, во ситуација еден таков документ да му издаде на Јован заедно со титулата „архиепископ охридски и митрополит скопски“, не како олеснителна, туку како отежувачка околност. Тоа што би требало да биде хендикеп за МПЦ и што на некој начин беше хендикеп за МПЦ многу години, низ една типично големосрпска експанзионистичка грубост волшебно е претворено во предност која не би можела да се поарчи без да произведе победа и правда: ние се ослободуваме, односно, каква иронија, Србите нè ослободуваат од фиксацијата дека нашите најважни црковни и, дури, замислете, национални дела и перспективи зависеле од некаков волшебен документ до кој, се покажа, може да се дојде полесно отколку до марамче за нос, кога некој е тажен или грипозен. Тој, значи, палома-томос во рацете на Јован, му донесе на православниот свет една навистина епохална, ослободителна демистификација, која понатаму како повлечен конец од православната црковна таписерија ја расплетува дури и клучната шара за автокефалноста во принцип, а посебно за Македонската Православна Црква. Не МПЦ, туку СПЦ ја демистифицира до крајни граници таа беспринципиелна, во себе контрадикторна, нехристијанска, етнофилетистичка статусна дефиниција како извор не на верата и на православната религија, туку како извор на страшна манипулативна моќ, на дисквалификации на цели верски и национални заедници, на милиони верници. Судбината на древната Охридска Архиепископија и на МПЦ, но и на бројни други православни афилијации на светипетровото дело, убедливо ги потврдуваат ваквите оцени. На тоа се надоврзува или му претходи, како што сакате, пошироката морална, организациска, па и верска криза на Православието произлезена од судирот со предизвиците на модерното време, независно од тоа дали се раѓаат поради неадаптивноста на нереформираната Црква која се гордее, имено се непроменливоста, или поради нешто друго. Тој свет си дозволува во времето на глобализацијата и на загрозувачката агресија на новите вредности, на работ на својот верски ареал во христијанското море на МПЦ да прави некаков православен атол на СПЦ. Верата често е во судир со смислата, но никогаш не може да биде другар со глупоста дури и според световните мерења. Работите, според тоа, не се опасни за МПЦ и за Македонија, туку никогаш не биле добри како што се денес на урнатините на некои стари православни „кичми-теологии“.
Подгревањето на „српското црковно прашање“ во Македонија треба да одигра важна улога во веќе започнатиот процес за избор на наследник на патријархот Павле, јасно, во прилог на радикалните зилотистички поединци и структури во СПЦ кои преку Јован, „архиепископ охридски и митрополит скопски“, бележат важен дел од „територијата на старата слава“. Таквото радикализирање на позицијата на СПЦ треба да ги демонстрира остатоците на српската моќ како регионален фактор, моќ која во нивните очекувања денес може да одигра одредена улога по воениот и политичкиот пораз на Србија во југословенската разврска и пред веројатноста и натаму да еродира српската географија и геополитика преку финалниот статус на Косово и на други начини. Ширењето на нестабилноста е обид да се парира на таа ерозија. Тоа е призмата на српските јастреби. Конечно, таа акција со ПОА се јавува како дел од солидарниот пакет со некои партнери на грчката сцена со кои се оди на „дисциплинирање“ и „нормализирање“ на Македонија во согласност со српско-грчките нормативи и интереси (прашањето за името на државата и на Црквата и сл.). Во тој светоглед целата интервенција се јавува како дел од регионалниот контекст на јакнење на конзервативните, националистички сили кои на чекорењето на регионот кон Европа гледаат како на лоша опција во принцип, а особено ако претходно работите не се ревидираат според нивните етноцентрични теркови на старата доминација. Забрзаното чекорење на Македонија кон Европа, средувањето и европското нормализирање на Македонија ги провоцира на овој последен обид да го стопираат времето во срцето на Балканот. Српската црковна и државна политика се измешани како ретко каде во светот и треба да се види каде се допирните точки и дали воопшто ги има и во овој случај. Но мислам дека во реакцијата е попаметно да се биде одмерен и од македонска страна да не се придава меѓудржавно значење на големосрпските рецидиви во високите кругови на СПЦ. Таа организација треба да се порази не воинствено, не со инструментариумот со кој е најсилна, туку морално и политички, со љубов.
МПЦ треба да се ослободи себеси и да ги ослободи општеството и државата од притисокот на непосредното решавање на прашањето на својот статус, како неприфатлив дневнополитички пристап кон темата која е, односно може да биде милениумска. Изгледа апсурдно, но ние до вистински најпосакувани решенија за МПЦ нема да стигнеме со драматизирање на прашањето за статусот на МПЦ или преку драматично третирање на статусното прашање на МПЦ како статусно прашање за Македонија и за македонската нација, туку со деполитизација на тоа прашање, со своевидна секуларизација на пристапот, со релаксирачки пораки кон МПЦ и од МПЦ кон државата, со ослободувањето на МПЦ од притисокот да го решава националното прашање решавајќи го прашањето на статусот на Црквата, со спуштање на очекувањата на државата и од државата во таа насока. Драматизирањето и драматичното врзување на црковното, националното и државното прашање им дава предност на противниците на Македонија, ја фрустрира нацијата и ја хендикепира државата. Тоа се двата генерални методолошки ориентири.
МПЦ може да се обиде да изгради некаков активен ортодоксен протестантизам, односно самата да ги прекине односите со СПЦ и со православните Цркви кои не ја признаваат и од позиција на повеќе или помалку реформирана Православна Црква да изгради некаков статус, можеби дури со некакви маријански амбиции. Сама или со Црквите со слични проблеми. Може да се реши да ги интензивира своите односи со Светиот Стол и по таа линија да бара решение за својот статус во некаква унијатска варијанта. Мислам дека за овие две опции во МПЦ нема визии и потенцијали, а во општеството нема амбиент. Тие би воделе кон нови делби и тешки конфликти, кон жртви на кои никој од оваа држава за какви било перспективи не е подготвен. Но, би можеле да бидеме малку посмели, да не речам храбри, во реализацијата на првата опција: МПЦ може да го игнорира решението на СПЦ, односно може да продолжи да функционира како Црква во православното окружување, независно од номиналните дефекти во статусот, да работи дома и надвор и да се надева. Тоа би бил некаков активен опортунизам. МПЦ треба да престане, супериорно да престане да бара некој во православниот свет да ја признае како автокефална Црква, туку да си ја врши својата функција и мисија и да ги контролира ресурсите кои ја прават реална автокефална (цркви, манастири, верници, школи, факултети, Архиереи). Да се приспособува на времето и по тоа да се разликува од безнадежно заостанатото сестринство. Не стандарди на статус, туку стандарди како статус. Во вака тажна и безнадежно ригидна, директно антихристијанска организираност на православниот свет МПЦ не треба да се надева на ништо, освен на тоа дека самиот тој свет еден ден, по педесет или по петстотини години, ќе се промени. Тогаш кога сите веќе ќе бидеме спасени.
анализа на г-динот Бранко Тричковски,
објавена во денешниот број на Утрински весник