Претседателот на Република Македонија се сретна вчера со Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (30.05.2005)
Шефот на државата се сретна вчера со Поглаварот на Македонската Православна Црква, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, за да разговараат за настанатата ситуација по одлуката на Соборот на СПЦ да ја призне т.н. „автономна православна охридска архиепископија“. Претседателот Бранко Црвенковски му рекол на Архиепископот г.г. Стефан дека Македонската Православна Црква ја има целосната поддршка на македонската држава и дека може да смета на нејзината помош.
„Сите верници треба да застанат со поддршка зад автокефалноста на Македонската Православна Црква и тоа ќе биде најдобар начин да се одговори на последното сценарио кое го креира СПЦ“, порачал вчера македонскиот претседател Бранко Црвенковски.
„Постоењето и опстојувањето на МПЦ не зависи од ставот или од односот кон неа на некоја друга Црква, туку пред сè и над сè од вербата и довербата на нејзините верници и свештенство. Црква ниту се создава ниту гасне со нечиј декрет, уште помалку кога тој декрет доаѓа од некого кој нема ниту историско ниту морално право да го направи тоа. Така било со векови наназад низ историјата, така ќе биде и во наредниот период. Македонската Православна Црква успеала да се сочува и да биде основен духовен столб и бедем на македонскиот народ и во многу потешки времиња кога сме се наоѓале под туѓи ропства. (...) Денес кога постои независна македонска држава, не треба да се сомнева во иднината на Македонската Православна Црква“, рече шефот на државата.
Црвенковски потенцира дека македонската држава и Македонската Православна Црква, како и досега, ќе дејствуваат заеднички и единствено, за одбрана на интересите на граѓаните, на Црквата и на државата.
„Последната одлука на СПЦ е уште едно сценарио какви што сме имале во минатото можност да ги видиме во повеќе наврати и од различни страни. Обидите да се негира постоењето на македонскиот народ, националниот и културниот идентитет, вклучително и негирањето на Македонската Православна Црква, никогаш не престанале. Но, факт е дека со текот на времето стануваат сè понеефикасни и со однапред предвидливи епилози осудени на неуспех“, рече претседателот Црвенковски.
Црвенковски најавил дека ќе го покани српскиот претседател Борис Тадиќ на разговори во Скопје во првата половина на јуни.
„Причина за поканата не е само ова што се случи. Ние воведовме практика на периодични средби, а меѓу другите прашања ќе дискутираме и за ова. Ќе се обидеме со сите сили да не се влошат односите меѓу двете држави. Но, односите се должат и на вкупното расположение на граѓаните. Одлуката на Српската Православна Црква предизвика огромен револт кај мнозинството наши граѓани“, рече претседателот на Република Македонија.
(преземено од македонскиот дневен весник „Дневник“)