Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски (01.06.2005)

 

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

ГО СЛЕДИ ПАТОТ НА СИТЕ ПОМЕСНИ ПРАВОСЛАВНИ ЦРКВИ

 

 

Православната е една, Света, Соборна и Апостолска Црква. Но, сепак, во нејзиното административно дејствување, Црквата е поделена на помесни Православни Цркви. Денес, пак, секоја помесна Црква, без исклучок, е организирана на национална основа, за православните народи коишто имаат своја територија или независна и суверена држава.

            Нема помесна Црква која не го носи името на земјата и народот на кои им припаѓа: Албанската е за Албанија, Бугарската за Бугарија, Грчката за Грција, Руската, Романската, Полската итн. за нивните земји, па и Српската за Србија, а Македонската за Македонија.

            Секоја помесна Православна Црква својата јурисдикција ја простира на просторот и во границите на државата на која ѝ припаѓа. Тој принцип православна помесна Црква во границите на државата е почитуван и од нашата Македонска Православна Црква.

            Нема возобновена древна Црква или организирана нова помесна Црква без претходно тој народ да не се стекнал со своја државна н национална слобода!

           

Возљубени чеда во Господа,

            Древна е нашата Света Црква. Векови и милениуми го мерат нејзиното опстојување. Од општините формирани по македонските градови од проповедта на апостол Павле, преку Јустинијана Прима, како и мисијата на рамноапостолите од Солун, Светите браќа Кирил и Методиј, а особено врз дејноста на нивните надарени ученици Светите Климент и Наум, израсната е Охридската Архиепископија како Црква на македонските простори и Црква на македонскиот народ, како помесна Црква организирана пред сите други на балканскиве простори. Тоа значи дека како православен народ сме се стекнале со Црква пред другите православни народи. Потоа ќе следат помали и поголеми успеси, ќе се прошируваат и стеснуваат нејзините граници зависно од состојбите меѓу народите и државите на Балканот. Дури и тогаш кога со Македонија ќе завладуваат други, таа наша Охридска Архиепископија ќе опстојува и ќе биде институција во која нејзините верни чеда ќе ја чувствуваат и ќе ја имаат како своја најсилна тврдина.

Но, во 1767 година, со ираде на Високата Порта, ќе биде запрена нејзината официјална мисија. Таа, пак, наша Охридска Архиепископија, ќе продолжи да живее во верата и во споменот на своите чеда. Ќе се прават обиди за нејзино возобновување. Во меѓувреме ќе се случат и Балканските и Првата светска војна; ќе го доживееме распарчувањето на македонската земја и народ, и разграбувањето и купувањето на епархиите од Охридската Архиепископија во Вардарска Македонија. Ќе дојде и Втората светска војна и ќе донесе нови освојувачи и нови поделби. Но, крајот на војната објави нов почеток за македонско духовно, национално и државно обновување. Во македонската држава како федерална единка на повоена Југославија ќе се создадат услови и за црковно организирање врз темелите на Охридската Архиепископија.

Гласот на македонскиот народ и определбите на свештенството ќе се слушнат уште на Собранието во Издеглавје во 1943, како и на Конференцијата и Соборот во Скопје во 1945 година: сакаме своја Црква, сакаме возобновена Охридска Архиепископија како Македонска Православна Црква!

Црковно-народниот собир во Охрид 1958 година беше прв чекор кон реализација на желбата да ѝ се врати славата на Охридската Архиепископија. Тогаш беше избран блаженоупокоениот Доситеј за прв поглавар на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, а следната 1959 година, со хиротонијата врз архимандритот Климент за митрополит преспанско-битолски, чин што го изврши тогашниот српски патријарх Герман, всушност се создадоа услови за самостојно организирање на нашата Света Црква. Во таа смисла е и констатацијата на Соборот на СПЦ од 1959 година дека “за издвоените епархии и архиереи во НРМ како МПЦ не важи уставот на СПЦ”.

Потоа следеше кадровското засилување во Синодот за на Третиот собор во 1967 година, да имаме, покрај архиепископот Доситеј, уште 4 митрополити: Климент, Наум, Методиј и Кирил. На тој собор е објавена целосната обнова на Охридската Архиепископија: со грижа кон иселените Македонци, со ораганизирање на своја Богословија и дооформување на потребните тела и органи и др. Ќе следат контакти со други помесни Православни Цркви, и скоро од секаде наидуваше поддршка и разбирање за направениот чекор: штом имате свои Архиереи, штом тоа го сакаат народот и свештенството - очекувано е, па така би постапил секој на ваше место.

Тоа што го направи Македонската Православна Црква го правеле сите Цркви за да дојдат до своја самостојност. Така постапил и Свети Сава во 1219 година, одделувајќи ја Пеќската Архиепископија од Охридската Архиепископија. Така и сите други Православни Цркви: штом ќе се здобиеле со државна, веднаш барале и црковна независност: и Атинската Архиепископија се издвоила од Цариград, и Бугарската, и Српската и сите, зашто, според 17 правило од IV Вселенски Собор, еден од условите за црковна самостојност е покрај верниците, токму тоа - имањето на своја независна држава.

Од тие причини, во децениите што поминаа, разговаравме да се надминат недоразбирањата со СПЦ. Но никогаш, на ниту една средба, не се разговарало за црковни пречки, за прашања од догматиката и науката на верата, туку за жал: дали како народ, што значи и земја, треба да имаме своја Црква и дали обновената Охридска Архиепископија може да биде Македонска Православна Црква. Што значи, името ни е единствениот наш грев? Затоа и прашуваме: дали другите Цркви кога го поминуваа нашиот пат беа поподготвени, со побројно свештененство и поверен народ, со побројни и повредни сакрални објекти, со побогат духовен и црковен живот? И која е смислата на сите разговори, на сите средби и на сè што преземавме да се надмине спорот меѓу двете Цркви? Но очигледно некому не е дадено да биде учесник во радоста која извира од љубовта кон другите!

Затоа, го повикуваме сиот наш народ Божји во Татковинава и до каде што нè има, сето свештенство и монаштво, како и членовите на САС да ги издржиме и овие искушенија; “блажен е оној човек кој поднесува искушенија”, ни порачува апостолот (Јаков 1,12). Силно убедени дека, по примерот на нашите претходници и нашите следбеници, како и нас, ќе го продолжат Светиклиментовиот и Светипавловиот пат.

Ве благословуваме и повикуваме на духовно, црковно и национално единство со силна вера дека вистината и правдата се на наша - на страната на Македонската Православна Црква. 

            Бог да ве благслови!