Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Од Епархискиот Управен Одбор на Македонската Православна Црква – Епархија за Австралија и Нов Зеланд (08.06.2005)

Епархискиот Управен Одбор (ЕУО) на Македонската Православна Црква - Епархија за Австралија и Нов Зеланд (МПЦЕАНЗ) на својот вонреден состанок одржан на 29.05.2005 година, по повод информациите на јавните гласила за признавање на т.н. „охридска архиепископија“ од страна на Српската Православна Црква (СПЦ), по опстојна дискусија ја донесе следнава

 

РЕЗОЛУЦИЈА

 

ЕУО на МПЦЕАНЗ овој акт на СПЦ го смета за грубо мешање во внатрешните работи на МПЦ, како и грубо кршење на Светите канони на Православната Црква. Запрашуваме врз која основа и на кои канони СПЦ признава две Цркви на иста територија?

 

Исто така, овој акт на СПЦ е контрадикторен на актот од 1959 година со кој ја призна Македонската Православна Црква на територијата на македонската држава. Кога Република Македонија беше во склопот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и кога МПЦ бараше признавање од СПЦ, изговорот на СПЦ беше дека не може две автокефални Цркви да има во една држава, иако стануваше збор за две различни нации – две федерални држави и две историски Цркви. А сега, истата таа СПЦ го направи тоа што не сакаше да го направи во СФРЈ, односно признава две Цркви во една држава и еден народ.

 

Со овој акт СПЦ ги отвори своите скриени намери, односно со ова покажува дека не го признава ниту македонскиот народ, ниту Македонската Православна Црква, ниту македонската држава. СПЦ како да заборави на мисијата на Православието и проподведта на Господ Исус Христос за љубов кон ближниот. Заборави на Св. апостол Павле кој во Посланието до Галатјаните вели: „нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски: зашто сите сте едно во Христа Исуса“ (3, 28). Со сето ова што ни го прави, СПЦ сее српски национализам и шовинизам кон МПЦ и македонскиот народ, во време кога цела Европа се обединува, а Православието е загрозено од сите страни.

 

Нашата МПЦЕАНЗ со оваа резолуција отворено го искажува својот револт против актот на СПЦ и се повикува на резолуцијата бр. 34 од 24. 09. 2004 година, донесена на Епархиското Собрание на МПЦЕАНЗ, во која се вели: „МПЦ да не прифаќа разговори со СПЦ доколку во тие разговори е вклучен Зоран Вранишковски со неговата расколничка организација, т.н. „православна охридска архиепископија“.“ Дали СПЦ е запозната дека нивниот егзарх Јован е хиторонисан, но и расчинет од македонски Владици, односно од Црква која не ја признаваат?!

 

После овој акт на СПЦ бараме од Синодот на МПЦ да ги прекине сите преговори и контакти со СПЦ и својата автокефалност да ја бара од други сериозни Православни Цркви, кои ги почитуваат и се раководат од Светите Православни Канони.

 

Иако нашата Епархија е една од најоддалечените македонски епархии од Мајката Црква, со оваа резолуција не го изразува само својот револт, туку и му дава сецела поддршка на САС на МПЦ во борбата за добивање Автокефалност, а на Македонската држава да истрае во овие тешки моменти за признавање на нашето вековно име македонско.

 

Епархискиот Управен Одбор

на Македонската Православна Црква 

Епархија за Австралија и Нов Зеланд