Пропратен акт испратен до Поглаварите на помесните Православни Цркви (14.06.2005)
Предмет: Соопштението за јавноста од Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква, одржан во Белград од 15 - 26 мај 2005 г.
Ваше Високопреосвештенство, со погоре цитиранато Соопштение на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква, Српската Православна Црква изврши атак врз МПЦ, чин, којшто е непознат во историјата на Православните Цркви, ниту има нешто заедничко со светите канони на вселенските и помесните собори на Едната Света Соборна и Апостолска Црква.
Имено, при постоење на жива Божја Црква, со 10 епископи, 13 епархии, од кои 7 во Република Македонија и 6 во дијаспората, со околу 500 парохии и над 500 активни свештеници, со повеќе од 2 илјади цркви и манастири, со Богословија и Богословски факултет и со над 3 милиони верници, во и надвор од Република Македонија, српските архиереи со една ваква одлука настојуваат да создадат некаква структура, наводно црковна, која одвај сочинува 50 луѓе без ниту еден храм, чија задача би била да ја разнебити МПЦ, која е единствена Православна Црква во Република Македонија.
Во името на запазување на достоинството на Православието и достоинството на сите помесни Цркви, Ве молиме, Вашата Света Црква, ваквата одлука на Соборот на архиереите на Српската Православна Црква, да не ја прифаќа.
Истовремено, Ве молиме, највозљубен брате во Христа Господа, да му помогнете на богољубивиот наш народ којшто го зачувал Православието и има право да биде прифатен во заедништвото на Светата Христова Црква и од пастирско-еклесиолошки причини да биде раководен од свои архиереи и пастири. Веруваме дека ќе имате љубов и разбирање и ќе ја подадете Вашата десница да ѝ помогнете на Македонската Православна Црква да се ослободи од национал-шовинизмот на оние што им пречи нејзиното постоење, за во иднина да се отстранат пречките за извршување на нејзината пастирска и спасоносна мисија.
Ваш во Христа брат и сомолитвеник,
ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
+ СТЕФАН
Прилог: Историски преглед на МПЦ.