Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Македонска Православна Богословија „Свети Климент Охридски” (20.06.2005)

На ден 16 јуни 2005 година, во Македонската Православна Богословија Свети Климент Охридски”, се одржа свеченост по повод матурирањето на триесет и седмата генерација богослови. Матурските испити се одвиваа од 4 до 16 јуни 2005 г., под надзор на пратеник на Светиот Архиерејски Синод, протоѓаконот Славе Пројковски.

Свеченоста со своето присуство благоволија да ја збогатат Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и Високопреосвештените Митрополити: Полошко-кумановски г. Кирил, Преспанс­ко-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар,  Дебарско-кичевски и администратор Повардарски г. Тимотеј и Брегалнички г. Агатангел, ректор на Богословијата.

На свеченоста присуствуваше професорскиот колегиум на Богословијата, професори од Богословскиот факултет Св. Климент Охридски”, свештенослужители и  други гости, вљубеници во образовно-просветителското дело на Богословијата.

Во своето пригодно слово, Архиепископот г.г. Стефан го нагласи значењето на богословското образование, истакнувајќи пред сè, дека без разлика на сите напади против нашата Света Македонска Православна Црква, новите завршени богослови треба да ја чуваат вистината како нешто најсвето, па и тие да даваат свој придонес во духовниот растеж на нашиот народ.

Ректорот, не криејќи ја радоста од извонредниот успех и на оваа генерација матуранти, никого не изостави од својата благодарност до оние коишто на секаков начин се трудат да дадат придонес за духовното и материјалното напредување на Богословијата.

Пратеникот на Синодот, пак, ја подвлече покажаната зрелост на матурантите при полагањето на матурските испити, изразувајќи надеж дека и во својот живот, каде и да се, ќе покажат духовна зрелост и одговорност, и дека ќе сведочат и ќе ја штитат светоста и достоинството на Светиклиментовата Македонска Православна Црква, која ја возобнови со сите достоинства и заветно ни ја остави во наследство блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, нашиот нов Свети Климент”.

Своето обраќање го заврши со порака до матурантите да го употребат својот голем потенцијал за понатамошно дообразување во повисоки образовни институции.

За промовирањето на матурантите и нивниот успех, се погрижи Неговото високопреподобие, архимандритот Методиј (Златанов), професор и класен раководител. Одличниот општ успех ги воодушеви сите присутни, а секое поединечно прогласување беше проследено во општа радост. Отец Методиј поздравувајќи ги присутните, се осврна на големата посветеност на младите матуранти во текот на нивното школување, истовремено истакнувајќи дека нивната одговорност како идни пастири, многу ќе придонесе во големата духовна мисија, која ја има нашата Света Македонска Православна Црква. Потоа беше прочитана и телеграма испратена од претседателот на Републичката Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, во која упати искрени честитки и искажа надежи за уште поголеми успеси.

 Потоа беше произнесен прекрасниот говор на матурантите од страна на матурантот Дејан Миловски. Беше прикажан и краток документарен филм за Богословијата, подготвен од отец Петар Јорданов, долгогодишен професор. Свеченоста заврши во прекрасна атмосфера, а желбата за промовирање на нови генерации богослови матуранти преовладуваше кај сите. Да даде Бог, Богословијата да цвета како и до сега, налик на светата школа на Светиот наш отец и патрон Климент Охридски Чудотворец, чија школа, претставува темел на нашата Македонска Православна Богословија. На многаја лета!