Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (21.06.2005)
Преосвештен Владико, еве, преку гласот на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, Бог Те повика на висока служба: Те повика да му служиш на нашиот богољубив народ, да ѝ служиш на нашата Света Македонска Црква. На денешнава, пак, Твоја Педесетница, преку положувањето на нашите раце врз Твојата глава и преку призивањето на Светиот Дух, Ти стана жива алка во долгиот синџир на апостолско служење и се вброи меѓу призваните за служба во Црквата Божја на богоблагословената македонска земја. Секој избор за служење е и радост и одговорност! Но, да се биде служител на Бога, на Црквата и на својот народ е поголема од секоја радост и од секоја одговорност. Затоа, Преосвештен Владико, внимавај на од Бога даруваните - и избор, и служба! Внимавај - на себеси! Секој треба да внимава на себе, но Епископот најмногу. Тој треба да е најпрв и во верата и во љубовта, и во молитвата и во добродетелноста, и во богољубието и во човекољубието! Сите овие дарови, преосвештен Владико, ни се од Бога, а дека сме ги примиле и дека живееме според нив, треба да потврдиме преку дела, зашто “Царството Божјо не е во зборови, туку во сила”, односно во сила и дела. Со ништо друго нема да покажеме дека живееме за Бога, освен преку животот исполнет со вистина и со животот кој раѓа живот. Тоа е постојаната обврска на секој Епископ: преку својот живот да подготвува достојни рожби пред Господа за вечна заедница со Него. Исто така, познато е местото кое му припаѓа на Епископот во Црквата. Всушност, Црквата е таму каде што е и Епископот. Тоа богодадено задолжение ја издига епископската должност на такви височини! Епископот е, всушност, совеста на Црквата. Преку познавањето и, особено преку практикувањето на законот Божји, Епископот постнува и мерка, постанува правило по кое треба да се живее во Црквата. А како што вели светиот апостол Павле, Епископот, не само што треба да биде непорочен, негневлив..., туку треба да биде гостољубив, доброљубив, трезвен, свет, воздржлив, кој се држи според вистинското слово (сп. Тим. 1,7-8). Имајќи ги на ум овие совети на апсотолот и познавајќи го Вашето преосвештенство, ќе речам, во Вашата личност добиваме Епископ каков што ѝ треба на Македонската Православна Црква и на Црквата Христова. Ете, Божја волја било да бидете избран и хиротонисан за Епископ во исклучително време за нашата Света Црква. И Вам Ви падна дел од долгот да потврдите дека македонската мајка и родила и исчувала и чесна и високодоблесна личност, исполнета со богољубие и родољубие, а Мајката Црква во Вас изградила пастир и духовник каков што ѝ треба во ова време. Преосвештен Владико, бидете вистински Христов апостол! Чувајте ја вистината за да Ве чува и таа Вас! Како новоизбран Архиереј на Македонската Православна Црква бидете вистинско благоухание за нејзините рани, бидете лечител против сите бодежи, бидете тврдина за сите напади против неа, бидете пастир што ќе ја полага својата душа за Црквата Божја и за народот Божји. Амин!