Хиротонија на новиот Епископ на Македонската Православна Црква во соборниот храм во Скопје (21.06.2005)
На третиот ден од Духовден, во соборниот храм на Свети Климент Охридски за време на Архиерејската Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а во сослужение на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, Митрополитот Струмички г. Наум и Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, архимандритите и бројните свешетнослужители на Македонската Православна Црква, архимандритот Методиј беше ракоположен во епископски чин. Новоракоположениот Епископ ги причести многубројните верници кои учествуваа во Божествената Литургија. На оваа хиротонија присуствуваа премиерот на Владата на Република Македонија, г-дин Владо Бучковски, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-дин Цане Мојаноски, заменикот на министерот за култура, г-ѓата Мелпомени Корнети, ректорот на скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, градоначалниците на општините на градот Скопје, претставници на МАНУ и на други државни и културни институции. На свечената трпеза којашто беше организирана во манастирот на Свети Пантелејмон во Нерези, на новоракоположениот Епископ Велички г. Методиј дојдоа да му честитаат Неговата Екселенција, г-динот Агарон Асатур, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија и Неговата Екселенција, г-динот Григоре Герчеану, амбасадор на Република Романија во Република Македонија.
Беседа на викарниот Епископ г. Методиј, одржана на денот на неговата хиротонија:
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух;
Возљубени во Господа, браќа и сестри,
Еве благодарно се исполнува, во празничните денови на Светата Педесетница, чудесната утеха со која нè окрили Спасителот, охрабрувајќи нè, како што ги охрабруваше и Своите свети ученици и апостоли. Не плашете се! – вели Тој, - Нема да ве оставам сираци! Ќе Го помолам Отецот, и Он ќе ви даде друг Утешител, Кој ќе биде со вас довека, Духот на вистината! Тој Дух, возљубени, ја исполнува и оживотворува нашата Света Македонска Црква во сите еони на нејзиното постоење; во нејзиното двомилениумско распетие низ кое таа постојано совоскреснува со Христа Богочовекот. Воскреснува, кога ја гонат и укинуваат. Воскреснува, кога ја негираат и одрекуваат. Воскреснува, кога благочестивиот народ евхаристиски се просветува. Воскреснува, кога монаштвото и свештенството за духовен подвиг се умножува. Нашата Црква, возљубени, воскреснува и сега, кога раѓа нови архипастири, сведочејќи му на светот за својот автентичен христијански живот и за својата непоколеблива иднина. Со ваква мисија Светата Црква се труди најнапред да го преобрази нашиот многустрадален народ – изобилната жетва на нивата Господова во Македонија. Вие некогаш бевте темнина, вели апостолот, а сега сте светлина во Господа: живејте како чеда на светлината! Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина – и испитувајте се што Му е на Бога угодно! Во тоа е содржана тајната на нашето восиновување, според благодатта на Светиот Дух станавме светлина од Светлината, чеда на Таткото на Светлините! Ова достоинство никој не може да ни го одземе дури ни оние кои на сопствена погибел хулат на Светиот Дух, кажувајќи каде Тој дејствува, а каде не.
Но, и за тоа нè поучува Словото Божјо преку устата на премудриот Павле: Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги! Оти за она, што го прават нечестивите скришум, срамно е и да се зборува. А сè, што е за изобличување, светлината го открива; бидејќи сè што е јавно, светлина е. Затоа е речено: Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли! Стани ти што си мртов, како што стана четиридневниот Лазар, кој во сè се покажа послушен на зборовите Христови. Биди Му послушен на Спасителот Кој со божествената сила и со заповедта, но и грижата и солзите како вистински Човек ја покажа љубовта кон нашата природа. Воскресни заради љубовта кон Бога, Кој е твое вечно просветување! Стани заради љубовта кон ближниот, кој е твое единствено спасение!
Бог нè повикува, возљубени, да бидеме светлина, да бидеме свети; и нечовечките мудрувања туку таа светлина, ќе ги разобличи јаловите дела на темнината. Ако ѝ припаѓаме на Светлината, тогаш сме светлина, зашто светата тајна на љубовта е тајна на совршената припадност. Црквата Му припаѓа на Христа како беспрекорна невеста. Христијаните личносно и соборно ѝ припаѓаат на Црквата низ евхаристискиот принос. Свештенослужителите ѝ припаѓаат на Црквата како пастири и надвор од таа еклисијална припадност тие немаат свештенство. Тоа е канонскиот принцип кој ја чува девственоста на Црквата, но исто така го чува достоинството на ерархијата. Епископот му припаѓа на својот Синод, а свештениците и ѓаконите му припаѓаат на Епископот. Припадноста, се разбира, не треба да се сфати како ропство, туку како љубовна врска (или обврска) која најјасно е изобразена во Светата Тајна Брак. Надвор од љубовната припадност на брачната заедница женихот и невестата се само две индивидуи. Надвор од љубовната припадност на својата Црква и Архиерејскиот Синод Епископот не е Епископ. Следствено на тоа, надвор од евхаристиската припадност во Црквата христијанинот е само по име христијанин. Со други зборови, сите ние се реализираме како црковни битија само кога целиот наш живот е во функција на нашата припадност кон Бога и кон Светата Црква. Таа тајна е голема, тајна на љубовта во која Христос постојано се распнува од љубов за Својата Црква и Црквата постојано и во сè Му е послушна на Христа.
За тој љубовен подвиг сме повикани и ние, возљубени, преку грижата за нашата беспрекорна припадност на Македонската Православна Црква. Припаѓајќи Му саможртвено и потполно на Христа, нашите предци го сочуваа пламенот на живата вера и црковност во Македонија, дури и тогаш кога таа беше неправедно укината. Ние денес сме ставени со слична позиција. Свети Григориј Богослов вели: На зборот со збор може да му се возврати, но на животот (на добродетелниот живот) со ништо не може да му се возврати. Исповедништвото на животот е најсилниот аргумент дека светлината на Светиот Дух блеска во нашата Црква, или поинаку кажано, дека Македонската Православна Црква во својата суштина е автокефална. Таа светлина е неизмерлива и безгранична. Сообразно со нашиот духовен повиг нејзиниот интензитет може бескрајно да расте и да ги оживува, просветува и утешува благонамерните, а да ги заслепува и замолчува сите видливи и невидливи непријатели на нашата Црква и на целото Православие, дури и оние кои мислат дека на тој начин на Бога Му принесуваат жртва. За сето тоа Бог нè подготви преку спасоносното Евангелие на Христовата наука. Жената Самарјанка пиеше од тој извор и се спаси. Од тој извор пиеше и разбојникот на крстот кој прв влезе во Царството Божјо. Оваа жива вода е темел на целото светоотечко Предание. Светите архипастири како живи икони Христови го преточија овој извор во живототворна педагогија. Со неа, возљубени, треба постојано да се преобразуваме. Нашиот ум да стане евангелски, Христов ум, за да ги оправдаме зборовите на Спасителот: Вие сте светлина на светот! Светлина која сосема Му припаѓа на Божествениот Светилник – Богочовекот Христос, Кому заедно со Отецот и Светиот Дух Му доликува секоја слава, чест и поклонение, сега, секогаш и во сите векови. Амин!