Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј отслужи Архиерејска Божествена Литургија во манастирот на сите Светии во село Лешани (охридско) (27.06.2005)
Вчера, во Неделата на сите Светии, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошко-струшки г. Тимотеј во сослужение на свештенослужителите од епархијата отслужи Божествена Литургија во манастирот на сите Светии во с. Лешани во близина на Охрид. На Светата Литургија присуствуваа голем број верници од епархијата на кои Владиката им се обрати со пригодна беседа. После отслужената Литургија во дворното место беше извршен водосвет и благословување на празничниот леб.
Манастирот на сите Светии се наоѓа во близината на селото Лешани. Во манастирскиот комплекс постојат две цркви и манастирски конак. Првата црква е изградена, односно обновена во 1452 година, за време на охридскиот Архиепископ Никодим, но на темелите на постара црква, која датира од XII век. Таа е со мали димензии и правоаголна основа, тристрана апсида и полукружен свод. Ѕидана е со обичен кршен камен и бигор. Внатрешноста е фрескописана. Според сочуваните фрагменти црквата била живописана и однадвор, на западната и јужната страна.
Археолошките истражувања кои треба да бидат извршени на овој манастирски комплекс со веројатност ќе го потврдат постоењето на ранохристијански црковен објект, на чија местоположба се изградени овие две цркви.
Во близината на оваа црква, во 1926 година е изградена втора црква со поголеми димензии, која е посветена на сите Светии, и во која се извршуваат богослужбите. Внатрешноста на црквата е фрескописана.
Монашкиот живот во овој манастир се возобнови во 2002 година со доаѓањето на јеромонахот Вартоломеј. Набрзо се очекува и зголемување на братството во манастирот. Во минатиот век овој манастир бил женски и броел околу триесетина монахињи.