Бигорски манастир (08.07.2005)
Во чест на празникот на раѓањето на Светиот Претеча и Крстител Јован, во манастирот Бигорски, во присуство на многуброен верен народ од цела Македонија, сеноќно празнично бдение отслужи Митрополитот Брегалнички г. Агатангел со повеќе свештенослужители. На бдението присуствуваше и Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј. Празничната Вечерна беше отслужена со литија и Петтолебие, а на крајот од Утрената служба присутниот народ се поклони на моштите на повеќе Светители, меѓу кои и на неодамна пристигнатите мошти на Свети Јован Руски.
Со Божествената Литургија чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, а во сослужение на Митрополитот Брегалнички г. Агатангел, архимандритот Нектариј, игумен на манастирот на Свети Наум во Охрид и архимандритот Партениј, игумен на Бигорската обител, како и повеќе свештенослужители од Дебарско-кичевската и Брегалничката епархија. На Литургијата Владиката Тимотеј го ракоположи во свештенички чин ѓаконот Тане Величковски. На празничното бдение присуствуваа и сестрите од манастирот на Светиот великомаченик Георгиј во Рајчица. Во духот на светогорските обичаи за ваквите празнувања, после Литургијата беше послужена заедничка трпеза.
„Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот. Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се. Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк. Зошто тој е за кого е напишано: Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе. Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител...“ (Матеј 11, 7 – 11)