Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинденско послание (23.07.2005)

С Т Е Ф А Н

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД

НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

                                   ДО СЕТО СВЕШТЕНСТВО, ПРЕПОДОБНОТО МОНАШТВО И ДО ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА

                                                          МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

                                       ПО ПОВОД ЦРКОВНО-НАЦИОНАЛНИТЕ ИЛИНДЕНСКИ ПРАЗНУВАЊА

                                                        ИМ ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

 

 

“...Господи, Боже на вистината,

ќе се радувам и ќе се веселам

поради Твојата милост,

зашто Ти погледна на смиреноста моја

и ја спаси од мака душата моја, и не ме

 предаде во рацете на непријателите мои

(Псал. 30, 5, 7 и 8)

 

 

Возљубени во Господа,

            Блажен е оној народ кој искрено и благочестиво ги почитува своите светии! А во светоста на светиите ни се открива и нашата светост, и како народ и како Црква. Тоа ни ја открива смислата на нашата свештена и многустрадална историја, која не е само бесконечен ред од личности кои со животот ја посведочија својата љубов кон татковската вера и родот, туку собор на вечно живи и свети во Господа херои и победоносци, кои во завет ни оставаат многумилениумско предание на правдољубие, вистинољубие и братољубие.

Нашата историја, возљубени, е библиска историја! Затоа секоја света личност од старозаветната и новозаветната историја е наш духовен образец и наша вечна инспирација.

Не е случајно тоа што во два клучни настани од поновата револуционерна историја нашите татковци и дедовци го избраа токму празникот на светиот пророк Илија за ден - икона на слободата и слободољубието на македонскиот народ. Вкоренети во Христовата вера и во библиското приснопаметење тие ја избраа токму личноста на овој старозаветен пророк како образец на сите надежи и стремежи кон идеалот на богообразното достоинство на секој човек и секој народ.

Светиот пророк Илија на тоа нѐ поучува со своето чудесно смирение и со трпението, но и со огнената ревност кон Бога, со која го спали гревот и беззаконието на “силните на денот”. Имајќи го тој оган во доблесните македонски срца, нашите револуционери и патриоти од сите времиња на македонскиот духовен и етнички опстој, ја извојуваа библиската епопеја, и онаа од времето на Крушевската република и сите славни востанија од тој историски период, и онаа од вториот Илинден во 1944 г. Но и не само тие, туку да си спомниме и за благочестивата и правдољубива храброст на првите христијански мисионери, на царот Јустинијан кој ја основа првата автокефална Црква во Македонија, на царот Самуил - во чие време ја стекнавме Охридската Патријаршија, во патриотските востанија на Петар Делјан, на Хрс и Стрез, на Карпушовото, Разловечкото и Кресненското востание, на светите маченици од отоманскиот период и многу други.

Сиот самопрегор на нашите предци илинденци, како и оние од пред и по Илинден, се темелел на цврстата вера во Христа Спасителот. “Јас сум Патот, Вистината и Животот”, - вели Господ, - и тие го одбраа токму тој Пат, се бореа токму за таа Вистина, ги предадоа своите животи токму за тој Живот, верувајќи дека само така ќе го обезбедат нашиот достоинствен живот и иднина. Затоа Илинден е голем празник, велик-ден на нашето национално и црковно достоинство.

 

Возљубени чеда и потомци на славните илинденци,

И ние денес сме повикани, повторно и повторно, угледувајќи се на благочестието на свети Илија, достоинствено и непоколебливо да го носиме крстот на нашиот историски Илинден, знаејќи дека само преку тој крст има воскресение за нас како народ и како Црква Божја. Но, што значи тоа, да се носи илинденскиот крст?

Најпрвин, тоа значи да ја стекнуваме цврстината на верата која ја имаше вдовицата од Сарепта Сидонска, кога ги послуша зборовите на пророкот, та со последниот грст брашно и неколкуте капки масло несебично го нахрани Божјиот угодник. Таа штедрост донесе спасение за нејзиниот дом. Затоа, браќа и сестри, да ги отвориме портите на нашите срца за секоја добродетел и во сѐ да Му бидеме послушни на Бога, зашто Он е изворот на секое непропадливо богатство, мудрост и сила.

            Потоа, носење на илинденскиот крст значи живот во непоколеблива надеж, онаа надеж која ја имаше свети Илија кога го слушна во пустината гласот Божји: “Зошто си овде Илија?” Тој одговори: “Пламнав од ревност за Господа, Бога Саваот, зашто Израилевите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.” Тоа е надеж дека Бог секогаш и во сѐ ќе ни помага, доколку се погрижиме не само на збор и не само по име, туку и со животен подвиг и смела мисија да бидеме христијани, да бидеме народ Божји. Само тогаш во надежта на свети Илија подготвено ќе ја дочекаме Божествената победа.

             Ете, возљубени, треба да поминат многу искушенија и многу маки, и многу од нив веќе поминаа, но тоа не треба да нѐ обесхрабрува. По сето ова е нашата средба со Бога, во здивот од тивкиот ветар, во спокојот на умот и срцето, кои ги победуваат  силите и началствата на беззаконието.

            Конечно, илинденскиот крст е во безграничната љубов со која Бог ни заповеда да се љубиме. Љубов со која свети Илија, како на кочија од нетварен оган се вознесе во вечната и совршена прегратка на Бога. Тој небесен оган тлее во кандилото на нашите срца. Ангелот Чувар на Македонската Црква се грижи тој никогаш да не згасне. Но тој љубовен пламен не треба да тлее искушуван од стихиите на светската суета, лицемерието и братските поделби, туку треба да се разгори и да биде светлина на светот. За тој светлозарен љубовен подвиг сме повикани ние, новите македонски илинденци!

 

Возљубени во Господа, синови и ќерки на нашата Света Македонска Православна Црква,

Оваа година имаме причина да се радуваме со добродетелно торжество заради неколку мошне значајни јубилеи и да си спомнеме за подвигот и делото на неколку во Бога вечно живи личности. Одбележуваме 1700 години од маченичкото упокојување на свети Пантелејмон, кого свети Климент Охридски го избрал за свој покровител; 1100 години од изградбата на манастирот посветен на светите Архангели и основањето на монашката заедница на свети Наум, Охридскиот Чудотворец; 60 години од одржувањето на Првиот црковно-народен собор во Скопје; 40 години од осветувањето на македонските православни храмови: “Свети Климент Охридски” во Торонто - Канада и “Пресвета Богородица” во Колумбос - САД; 100 години од трагичната смрт на Никола Карев, претседателот на Крушевската република и 90 години од херојската погибел на македонскиот Пирински цар Јане Сандански; како и 60 години од македонската Влада во возобновената македонска држава. Сите овие собитија и личности се неизбришливо сведоштво за историското постоење на македонскиот црковен и национален бит.

По молитвите на светиот пророк Илија и во слава на сите македонски јунаци и маченици, нашиот Господ и Спасител Исус Христос, заедно со Отецот и Светиот Дух, нека ги чуе нашите молитви, нека ги охрабри нашите срца и нека ни даде мудрост со која непосрамено ќе опстоиме како избран народ Божји. Амин!

 

на Илинден, 2005 лето Господово

 

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

С Т Е Ф А Н

 

 

ЧЛЕНОВИ НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД

НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

 

 

КИРИЛ, Митрополит Полошко-кумановски,

ГОРАЗД, Митрополит Европски,

ПЕТАР, Митрополит Преспанско-пелагониски и

администратор Австралиско-новозеландски,

ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско-кичевски и

администратор Повардарски,

НАУМ, Митрополит Струмички,

АГАТАНГЕЛ, Митрополит Брегалнички,

МЕТОДИЈ, Епископ Велички,

                † КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски