Згрешен вграден ментален модел (03.08.2005)
Зошто порадо не трпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата? Но, вие сами ги навредувате и оштетувате, и тоа браќата свои (Кор. 6, 7 - 8). Доколку српската Држава и Црква се смета како оштетена страна, експлицитно (според кое теолошко правило сме инкомпатибилни) нека дефинираат веќе еднаш каде како народ сме згрешиле, која е штетата што им ја нанесуваме, па цела екумена да им поверува! Зарем некогаш сме им окупирле територии и сме им стационирале многубројни полиција и војска коишто малтретирале, палеле, убивале и силувале - или сме ги ставиле под притисок да ракополагаат свештеници-полтрони на идеологијата за безусловно освојување на туѓи простори? На сите веќе им e доволно јасно дека македонските верници не им направија штета со тоа што и тие, како и другите православни, ставија предзнак Македонска (Црква).
Се прашувам дали воопшто требаше да бараме како Црква признавање – имајќи го предвид широко распространетото ниво на јавна расправа? Притоа, јавноста се натовари со голема соблазна. Не требаше да се бара признавање, секако, заради тоа што ги знаевме вечните стремежи за српска експанзија, уште повеќе што го знаевме нивниот „капацитет“ „за да нѐ спуштат во бањата кога ќе се раздвижи водата”, да нѐ потврдат како народ кон останатите Православни Цркви. А човекот (македонскиот народ, како евангелска коинциденција) боледувал триесет и осум години! Но се прашувам како се нашол човек (српски Епископ) мудар „кој може да пресуди меѓу браќата свои”, имајќи го предвид масовното големосрпство (бреме), што кај секого поединечно претставува вграден ментален модел, па ни ракоположил Епископ во Македонија. Големосрпството е артефакт, вкоренет длабоко во потсвесниот дел кај поедини членови, од каде што извираат површинските практики на однесување (крадци, грабачи и користољубци – Кор. 6, 9 - 10), од каде ќе произлезе и општото (на ниво на целиот српски народ) одвраќање од Христос, доколку српскиот православен народ го прифати затскривањето на радикалните Епископи зад нормативите на Црквата. Многу важно е во моментов српскиот народ да прави дистинкција, да биде вонредно трезвен кон постапките (лагите за лични цели) што ги користат поединци, пак ќе речам - затскриени зад нормативите и вредностите на Црквата. Знам дека долговековното присуство на благодатта Божја постои кај српскиот народ, и имаат развиено доволно мерило за да прават соодветна дистинкција на лукавите намери на поединци во Црквата. Во спротивно, артефактот ќе им биде како Христовото-општо „не ве познавам”. Браќа христијани српски Епископи, не знаете ли дека грешите против своето сопствено тело?
Ве прашувам, до кога бевме браќа? – Додека бевме во федеративна заедница, и додека имавте „моќ” врз нас, оправдана со некој закон или федеративна институција? Родителот го милува своето чедо додека е доминантен врз него? Што кога ќе почне да размислува со своја глава? Што кога телото (Црквата) ќе се најде пред друга пастирска состојба, па ќе сака „одвоено” да се управува? Кога се случува нова пастирска состојба во Црквата, позволено е да се направи преструктурирање, нови организациски поделби, заради ефективност во водењето на народот. Кога се случило ширење на христијанството Светите отци согледале и дефинирале нова, дотогаш непостоечка функционална поделба во работата на Епископот во Црквата, односно се воведува свештенството како помошници на Епископот, и тоа пак заради ефективност во водењето на народот Божји. Оттука, наши браќа Срби, произлегува „одделувањето”, ставањето предзнак (Македонска) на Црквата во овие простори, односно одделувањето не е ништо друго туку само желба за ефективност и поголема пастирска грижа врз македонскиот народ. Инаку, не постоеше никаква ефективност и пастирска грижа во периодот на српско владеење со Македонската Црква, постоеше само опскурантизам и масовно иселување на сѐ што е вредно од овие простори. Сега само би можеле да претпоставиме со каков епилог, со какви опструкции (и кои видови на соблазни) и методи ќе биде оптоварен црногорскиот народ. И кај нив, веќе намалува силата на индоктринација што се спроведуваше како и кај нас, преку монополот со уредување на учебникарството, обуки, бенефиции и високи универзитетски титули на најистакнатите поединци што беа индуцирани од српско-југословенското бреме.
Сепак, како народ, држава и како Црква, учтиво го запазивме процесот на трансмисија, односно побаравме (не земајќи ги предвид нашиот историски континуитет и преемство, коишто подолу ќе ги споменеме) да бидеме социјализирани (вклучени) во административната заедница на останатите Помесни Православни Цркви. Зошто велам дека целата процедура беше запазена – од причина што Македонската Црква, во својот самозаборав, имаше чувство за синовство и од својот „родител“ (Српската Црква) побара да биде социјализирана според кодексите на Православната Црква. Не знам зошто Македонската Црква, во процесот на трансмисија, доби позиција на new comers (новодојдени). Сѐ уште мислам дека не сите српски Епископи ги предизвикуваат проблемите во Македонската Православна Црква, а само некои коишто не можат да се очистат од вградениот ментален модел на големосрпство, којшто сакаат да го остварат надвор од границите на Србија. Не сите се поистоветуваат со проблемите коишто радикалните Епископи ги иницираат затскриени зад Светиот Собор на Српската Православна Црква. Овој проблем (големосрпски проект), вака развиен и претставен во западниот свет, немаше ниту да започне доколку желбата за власт на некои „наши” поранешни членови на МПЦ не го применија методот на жнеење на бенефиции од добро сработена шпиунска активност. Но, не успеа откупувањето на поединци од Македонската Православна Црква. Всушност успеа само кај еден, кој подоцна екипира уште неколку деца желни за власт. Значи, што успеа? Успех постигна само индоктринацијата што се вршеше врз поранешниот митрополит Јован, којшто, сите добро знаеме, беше добро асимилран, оформен, квалификуван и целосно развиен прифаќач на улогата и на правилата што му ги вградуваа радикалните групи во Српската Црква. Заради тоа, тој како добро обучен прифаќач на улогата во преговорите доби позиција да го менторира македонскиот народ, без притоа да има каква било меѓусубјективност со него.
Инаку, доволен доказ за улогата на нецрковни фактори во добивањето на автокефалност е начинот на којшто Српската Црква во тринаесеттиот век „доби” автокефален статус заобиколувајќи ја Мајката Црква – Охридската архиепископија. Укинувањето пак, на Охридската архиепископија се случило според одредени политички констелации, кои „не верувам” дека биле интерцрковно иницирани, туку нехристијанската институција – султанот, самоиницијативно решил едни да казни (Македонците), а други да награди (Грците). Но, фактички тоа е вистината, и тогаш и сега, дека Црквата, Христовите нормативни и вредносни постулати на Воплотувањето, се користат (фарисејски) за да се наметне убедувањето врз политичките власти (тогаш Грците го искористиле султанот како апсолут) за укинување на жива Црква од македонските простори. Значи, овој факт е доволен за сѐ да биде јасно, и да стане непотребно нашето барање за автокефалност. Светиот Дух Којшто еднаш слегол врз Црквата којашто овде се оформила не можеме да Го изолираме, и да речеме дека престанува да важи. Светиот Дух што слегол врз Охридската архиепископија, како може некој да си дозволи да Го оспорува, и одново да бара некој друг дух (очигледно политички) да овозможува автокефалност на Црквата во овие македонски простори.
Како што горе напомнав, проблемот опфати широка јавна расправа (соблазна предизвикана од општо проповедање на големосрпството), но навистина „штета е” што во тоа време, кога се случувало нехристијанското укинување на Црквата - значи, штета е што тогаш не постоеле средства за масовно симулирање како што се сега РТС, БК телевизија итн. (симуларкуми). Можеби Македонците уште тогаш ќе создадеа услови за поткупување на согласноста – дека нема потреба од Српска Црква. Ако уште тогаш, Македонците, креирале стереотипизирање на проблемот (како што сега Српската Црква прави напори за да не постои Македонска Црква), и настојувале да реализираат некои сопствени, субсистемски цели за оспорување на автокефалноста на Српската Црква, таквите методи што би ги користеле Македонците не би биле олицетворение на Целиот систем (Христовиот систем на однесување). Односно, ако уште тогаш Македонците создавале сецесиони перспективи (задоволување на интересите на тесна група луѓе), коешто однесување ќе резултирало со дисфункционалност на целиот систем, како што е во моментов дисфункционалното настојување на српската држава и Црква, ќе имавме заменети улоги (Српската Црква ќе беше деградирана). Инаку секогаш политичките методи се користат за поврат на инвестициите (од минатото), како што беа инвестициите за укинувањето на Охридската архиепископија и подолгорочните „капитални инвестииции” (како што е на пример индоктринацијата). За да биде комплементарна сета оваа појава на емоционални тенденции кај српските Епископи, се случи, коинцидентно, на српските електронски медиуми да се појави некој министер или нешто друго не знам, но функционер за инвестиции во владата на Србија. Тој тврди дека македонскиот народ има големи долгови кон српскиот. Едно да се има предвид, ништо чисто (ниеден производствен капацитет или Божји храм) не е создадено без грубо одземање на богатството и од овие простори. Целото богатство што го поседува Србија не е самостојно создадено, чисто внатре-српски, туку диспропорционално се пренесуваше во Белград од цела поранешна СФРЈ… итн., каква корист од понатамошна елаборација?
Чувството за синовство и желбата за социјализација (учење и прифаќање на православниот живот), нас како Црква и христијански народ нѐ натераа да се ставиме во процесот од „аутсајдери” кон инсајдери, за да бидеме во заедница со останатите Помесни Православни Цркви. А кога не сме биле? Тоа чувство и добро изградената меѓусубјективност со Српската Црква нѐ стави во безусловна верба кон Епископите на Српската Црква. Сме претерале во верувањето кон луѓе. Уште повеќе кон народ со вековни стремежи за асимилација. De facto српскиот национализам е светски познат бренд (симбол), за што беше санкциониран и бомбардиран (многупати низ текот на историјата) од глобално најкултурните институции, G7, EU и NATO. Значи, кога светски е осудена таа политика, и кога санкциите на Хашкиот трибунал сѐ уште се правосилни, а некои станаа и извршни, зошто се настојува да се издејствува поништување на сразмерната (дури би рекол и блага) одлука на легитимниот државен–судски (независен) орган во Македонија? Замислете (!?) некој од големата македонска популација во Србија, да се осуди да прави некаков големо-македонски деликт… Ќе го стемни нема да го раздени, вели една наша поговорка.
Човек да се запраша од каде е изворот на големосрпството – од државата или од Црквата. И едното и другото е неприфатливо. Првото заради ветувањето на сегашната власт во Србија за прекинување на политиката којашто беше светски осудена. Второто, заради тоа што сите членови на Телото Христово (Црквата) треба безусловно да ги извршуваат заповедите Божји, меѓу кои најголеми се: ’Возљуби Го Господа својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: ’Возљуби го својот ближен како себеси!’ (Мат. 22, 37 - 39). Друга ситуација постои, доколку некој мисли дека постои разлика меѓу ближен (Србин) и ближен од останатиот дел од светот. Инаку пак, не верувам дека Св. Сава, Св. Григориј Палама или Св. Климент Охридски ги проблематизираат своите артефакти – горе на Небесата. Не е така, бидејќи толку многу ги редуцирале (очистиле, сразмерно просветлиле) своите световни (политички) перцепции, што ирационално е да се размислува во тој правец, дека нешто или некои од подготовките овде на земјата си ги пренеле Горе. Тоа е исто како камен врзан за нога што те влече надолу, и постојано те оддалечува од Бога – не верувам во такво нешто.