Тито Петковски: Дволичност и големо лицемерство (03.08.2005)
Она што во последните неколку години ѝ се случува на Македонија во односите со северниот сосед, само потврдува дека „Балканската крчма“ останува добар пример за дволичноста и лицемерството на политиката. Се разбира дека тоа не е осамен пример кога станува збор за политиката како вештина на можното. Но, овде на Балканскиот Полуостров желбата да се работи во интерес на општото добро и граѓаните, независно на кој дел од тој простор живеат и по толку години поминати, се чини, нема никаква смисла. Искреноста и меѓусебната доверба меѓу соседите се заглавени длабоко во минатото и загубени во просторот и времето. Токму поради таквото сфаќање на политиката како вредносна категорија во која политичарите мораат едно да мислат, друго да говорат, а сосема нешто трето да прават, продолжуваме заедно да живееме во гета заробени во Шенген-бариерите. Едноставно, со нашето ступидно однесување го плашиме светот, а заедничката иднина во Европа без граници ја правиме бесмислена и неостварлива цел.
Неодамна една угледна дама од Брисел, која многу добро ги познава приликите во регионот, на средба со студенти од Скопскиот универзитет, даде мошне интересен одговор на прашањето за либерализација на визниот режим. Беше категорична во одбрана на постојниот визен режим наметнат од Европската унија, а кој толку силно го навредува достинството на македонските граѓани. Доколку тој се либерализира, ниту еден млад човек нема да остане во вашата земја, ниту пак пошироко во регионот. Ќе се иселат сите, а дома ќе ви останат само политичарите, па сериозно прашање е тие со кого ќе може да владеат. Нивната политика ќе остане без никаква иднина „загрижено“ угледната дама го бранеше својот став. Прецизна беше и во одговорот на прашањето кога земјите од регионот ќе фатат приклучок со евроатлантските интеграции. Оној момент кога и вие самите нешто ќе направите, откако ќе си ги решите меѓусебните проблеми, повелете заедно во Европа без граници, беше советот што во секоја пригода се истакнуваше а сега само се подвлече на овој разговор со студентите. Се разбира советот е упатен до сите држави од регионот што толку грдо го нарекуваат Западен Балкан. Но бидејќи ние самите не сме во состојба тоа да го направиме, поради заробеноста во минатото и државните амбиции на нашите соседи, европејците уште долго по разни основи ќе бидат присутни во регионот и ќе нѐ учат на култура и демократија. Не без причина не нарекоа Западен Балкан. Запад е поим за европската цивилизација, додека Балкан за примитивизмот, така да ако ги споите тие два поима ќе ја добиете грдата страна на европската слика. И наместо да се доближуваме до тие европски стандарди, земјите од регионот продолжуваат да го потврдуваат раширеното уверување на Еропејците за Балканот.
Најновиот „бисер“ од тој гердан на непринципиелности е и поддршката што официјален Белград ѝ го дава на врвот на Српската Православна Црква во духовниот терор што го спроведува врз Македонија. Истите луѓе од кои македонските власти бараа помош во надминување на спорот меѓу двете Цркви, категорично одбиваат да го сторат тоа, не сакајќи наводно да се мешаат во црковните работи кои нели се одвоени од државата, сега говорат за можноста од влошување на односите меѓу двете држави. Причината нема ништо заедничко со државните работи. Македонската судска власт, осудила на затвор македонски граѓани согласно со македонското законодавство, и тој чин наводно може да ги влоши односите меѓу двете држави. Меѓу двете цркви, се разбира, дека не може да ги влоши од едноставна причина што тие не биле никогаш полошо. Проблемот е во тоа што, не е важно што станува збор за македонски граѓанин, туку што станува збор за, внимавајте "архиепископ на Српската Православна Црква". Ако е така, што мајка бараат сега душегрижниците да се мешаат во македонските духовни и световни работи ако веќе не се мешаат во работите на Српската Православна Црква. Дволично и крајно лицемерство. Со двоен стандард во однесувањето, а можеби и троен, нема Европа како заеднички дом за сите. Уште долго ќе останеме во балканската крчма, чекајќи го возот за Европа.
Оцените на некои луѓе од Белград дека "Одлуката на македонските власти, архиепископот Јован да биде упатен на издржување затворска казна заслужува осуда и секакво жалење" е многу опасно. Без оглед дали самата одлука е законита или не за затворска казна, која и натаму со вонредни правни лекови може да се преиспитува, недозволиво е во меѓународните односи мешањето во внатрешните работи на друга држава. Ако некој од државната власт на една држава си зел за право да оценува одлуки на судска власт од друга држава, мора да биде свесен дека е директен виновник за влошување на односите меѓу двете држави.
Не знам дали македонската судска власт го затворила Вранишковски намерно баш пред чествувањето по повод 61. годишнина од АСНОМ за да не прави проблеми како минатата година, но сигурно знам зошто толку многу се навредува достоинството на Македонците кои темелите на својата држава ги удриле токму во манастирот "Св. Прохор Пчински". Добро знаат и белградските власти што значи Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година. Знаат дека на тој датум 115 делегати од цела Македонија донесоа повеќе решенија со уставно-правно значење, од кои најзначајно е решението за конституирање на АСНОМ во Врховен законодавен и извршен претставнички орган на демократска Македонија. Едно од решенијата беше и прогласување на Илинден - 2 Август за државен празник на македонската држава.
Само наивните може да поверуваат дека, вообичаената неизвесност пред секое одбележување на годишнината од АСНОМ и чествувањето во манастирот "Св. Прохор Пчињски" е случајно или ненамерно.
Со години наназад, од нашето осамостојување, македонските власти не знаат дали СПЦ ќе дозволи да се посети Спомен-собата на заседанието во манастирот и да се положи цвеќе. Како што српските власти знаат дека Спомен-собата во „Св. Прохор Пчињски“ е одамна испразнета, а пред неколку години се симнати и спомен-плочите кои сведочеа за историскиот настан од 1944 година. Пред две години дури и си поиграа со нашето достоинство, упатувајќи ја македонската делегација, венците наменети за годишнината од АСНОМ да ги положи на караула на српската армија оддалечена 500 метри од манастирот со кој управува СПЦ.
Сето ова, верувам, дека многумина во Македонија не ги изненадува и зачудува. Односот на СПЦ во континуитет, па и со оваа најнова духовна агресија со расколникот Вранишковски, има длабоки корени во историското минато. Потекнува од времето кога се воделе истребувачки војни меѓу нашите соседи за создавање големи држави, за сметка на териториите што ги населувале Македонци. И тие завршија како што забележа историја. Македонија создаде самостојна, суверена и меѓународно призната држава. Создаде и своја Црква како чувар на сопствениот национален идентитет. Тоа СПЦ не може да го преболи. Таа реалност не може да ја сфати и прифати, како што не може да разбере дека денес човековата цивилизација започна да живее во време на толеранција и меѓусебно разбирање и почитување, отфрлајќи ги догмите од средниот век. И тука нема ништо чудно и несфатливо, бидејќи ваквиот анахрон однос на СПЦ спрема МПЦ многу пати во минатото бил демонстриран. Чудно и несфатливо е како тоа не може да го сфатат некои претставници на српската државна власт, кои имаат обврска, пред сѐ пред сопствениот народ, да го шират таквиот дух, градејќи на тој начин извесна иднина и пристоен живот на сите што живеат на овие балкански простори.
(Авторот е пратеник)
(Утрински весник, број 1841 од 29 јули 2005 год.)