Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Плаошник (09.08.2005)

Храмовиот празник на Плаошката црква на Свети Климент Охридски Чудотворец и на Светиот великомаченик Пантелејмон на свечен начин беше прославен и оваа година.

 

 

        

 

 

 

 

Најнапред во понеделникот вечерта на 8. август 2005, Неговото Високопреовештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј со свештенослужителите од епархијата отслужи празнична Вечерна богослужба. Традиционално, Вечерната богослужба беше започната во 19.00 часот, а од 17.00 часот кивотот со моштите на Свети Климент беше поставен на средината од храмот за поклонение и целивање. Самиот храм беше премал за да може да го прими присутниот верен народ, кој трпеливо во редица чекаше за да се поклони пред моштите на Свети Климент, патронот на Македонската Православна Црква. По завршувањето на Вечерната богослужба на многубројниот присутен народ со пригодна беседа му се обрати Владиката Тимотеј. Меѓу другото, Владиката ја истакна важноста на прославувањето на овој празник и оваа година, бидејќи се навршуваат 1700 години од маченичкото страдање на Свети Пантелејмон, кому Свети Климент му изгради црква на Охридското Езеро. Верниците продолжија да се поклонуваат пред моштите на Свети Климент и во полноќните часови иако моштите беа повторно вратени во дрвениот кивот.

 

 

               

                                                                               

Утредента со почеток во 9.00 часот во Светиклиментовата црква, Владиката Тимотеј со бројни свештенослужители од епархијата отслужи Божествена Литургија, на која со празнично слово се обрати до верниот народ, а потоа свештенослужителите излегоа пред главната врата на храмот, на западната страна, каде што Владиката изврши Водосвет. Потоа пристапи кон осветувањето на новоизработениот мозаик, што беше поставен над главната западна врата која води во храмот.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Мозаикот е изработен од наши двајца истакнати уметници г-дин Благој Кузмановски, проф. на Ликовната академија во Скопје и г-дин Јани Антониев, претседател на Конзерваторскиот центар во Скопје. Димензиите на овој мозаик, на кого се претставени Свети Климент и Свети Пантелејмон изнесуваат 240 х 166 см, и истиот е составен од околу 50.000 - 60.000 парчиња. Техниката употребена во изработката на мозаикот е оpus tesselatum и мозаикот е изработен од природни камчиња, smalti и стаклена позлатена паста од Венеција. Донатор за изработката на овој мозаик е г-динот Благој Механџиски - Зегин, познат македонски бизнисмен и верник.