Соопштение од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква (23.08.2005)
Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква на својата редовна седница, одржана на 22 август 2005 год., покрај редовните активности, му посвети соодветно внимание и на писмото на Неговта Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, упатено до Претседателот на Владата на Република Македонија г. Владо Бучковски, преземено од сајтот на Цариградската патријаршија, како и на писмото упатено до Српскиот Патријарх Павле, преземено од сајтот на Српската Православна Црква. Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква цени дека и двете писма содржат порака да се најде форма на мирен начин да се надминуваат меѓуцрковните проблеми. Вселенскиот Патријарх не зазема една страна, туку ги повикува и двете Цркви на дијалог, а нашата Црква, во писмото до Премиерот, ја нарекува со епитетот “најсвета”, исто како и Српската Православна Црква. Што се однесува до г. Вранишковски, кој и да се обиде да го брани презема голем морален ризик, бидејќи истиот и покрај тоа што е осуден за досегашните дела, против него се води и судска постапка од 2002 г., за финансиска злоупотреба во трите епархии на Македонската Православна Црква во коишто делуваше како архиереј. Опстанокот на македонскиот народ, на Република Македонија, како и на Македонската Православна Црква ниту зависел, ниту, пак, ќе зависи од нечии изјави и желби. ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ