Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение на празникот на Успението на Пресвета Богородица (30.08.2005)

Во Бигорскиот манастир, на денот кога Црквата Божја го прославува чесното Успение (Успивање) на Пресветата Богородица се одржа, според веќе востановената традиција, целовечерно бдение. На бдението присуствуваше многуброен верен народ којшто од сите страни на државата притекна за да го прослави овој празник.

 

 

          

 

 

Архимандритот Партениј на верните кои приоѓаа да земат благослов им кажа:„Денес благодатта на Светиот Дух нè собра заедно за да го прославиме чесното Успение, онака како што беа собрани Христовите апостоли од сите страни на светот за да присуствуваат на Успението на Пресветата Дева во Гетсиманската градина. Да се потрудиме со нашиот подвиг и низ соборниот живот во Црквата да земеме учество во настанот којшто го празнуваме. Да испросиме од Бога и од Богородица мир и благосостојба, бидејќи Господ ги исполнува барањата кои ние Ѝ ги упатуваме на Неговата Пречиста Мајка.“

 

После Акатистот кон чесното Успение, и Вечерната богослужба (со литија и петолебие) беше прочитано словото на Свети Јован Дамаскин за Успението на Пресвета Богородица, а на Утрената богослужба после Шестопсалмието беа испеани статиите. Овие статии се пеат на истата мелодија како и статиите на Велики Петок.

 

 

 

       

 

 

За посвечено одбележување на Успението беше изработена и посебна икона на Успението на Пресвета Богородица на платно, која се поставува во епитаф, кој пак за оваа пригода беше украсен со 700 ружи.

 

После крајот на утрената, некаде малку после 5 часот, беше направена кратка пауза, и во 7.30 часот се продолжи со Светата Литургија на која се приклучија уште повеќе верни.

 

После Светата Литургија според светогорските обичаи, сите се упатија кон трпезаријата кадешто беше послужена мала закуска и беше поделена панагијата. Големата трпезарија беше претесна за сите гости, па дел од гостите беа послужени во малата трпезарија.