Повардарска Епархија (31.08.2005)
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и администратор на Повардарската епархија отслужи Божествена Литургија во црквата на Пресвета Богородица во Велес. На Светата Литургија со празнично слово до многубројниот присутен верен народ Владиката меѓу другото рече:
„...Ние го чествуваме Успението на Секогашблажената и Пренепорочна Мајка на нашиот Бог, Успението на Таа која стои погоре од секое создание, која е посветла од блесокот на сонцето, почесна од Херувимите и пославна од Серафимите. Ние не тагуваме на денешниов ден, туку ликуваме: бидејќи на денешен ден Пресветата Дева поминала во нов живот, и торжествено е пресретната од сите небесни жители и оди во прегратките на својот Син и Бог, за да постане молитвена посредничка за сите луѓе на светот.
Загатката на смртта денес е разоткриена: зашто преблаженото завршување на земниот живот на Богомајката, извојувано со најсвет живот тука на земјава ни разоткрива дека смртта е само премин од краткиот земен живот во вечниот блажен небесен живот...“