Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Делегација на Македонската Православна Црква ги посети црковните општини во Охајо и Индијана (03.09.2005)

 

 

По повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, како и значајниот јунбилеј 40 години од осветувањето на Храмот посветен на Мајката Божја во Колумбус - Охајо, делегација на Македонската Православна Црква ги посети црковните општини во Охајо и Индијана. Во делегацијата покрај Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил и Епископот Велички г. Методиј, на ова торжествено ходочестие по македонските светињи на северноапериканскиот континет учествуваше и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија, господинот Цане Мојаноски.

Посетата започна на 26-ти август со Света вечерна богослужба во храмот Света Богородица во Колумбус и средба со членовите на тамошниот Управен одбор. На свечениот дочек присуствуваа голем број верници кои со традиционално македонско гостољубие ги дочекаа високите гости. На средбата и во храмот и во просториите на Управниот одбор, на домаќините им беа пренесени поздравите од Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, кој е и надлежен архиереј на Американско-канадската Епархија, а потоа присутните беа запознати со актуелните состојби во татковината, со особен акцент на настаните врзани за МПЦ. Интересот беше мошне голем што покажува дека заедниците на нашите иселеници во дијаспората, користејќи ги електронските медиуми, со сето свое внимание следат што се случува во родниот крај. Беа искажани изрази на искрена поддршка за усилбите на САС на МПЦ за одбрана на честа и достоинството на нашата света Црква. Во претпразненството на празникот Успение на Пресвета Богородица, на 27-ми август, Митрополитпт Кирил и Епископот Методиј, во сослужување со свештениците од МЦО во Охајо, отслужија Света Архиерејска Литургија во црквата Свети Илија во Синсинати. Топлиот пречек и масовноста на верниците не изостанаа, а особена убавина на литургискиот собор му даде и присуството на верници и свештеници дури и од најоддалечените македонски црковни општини во САД.

На празникот Успение, на 28-ми август, во храмот посветен на Пресветата Владичица во Колумбус, со празнична и јубилејна архиерејска литургија беше обележан четириесетгодишниот духовен опстој на оваа прекрасна македонска црковна заедница во Америка. Храмот беше претесен за да ги прими локалните верници и гостите кои по актуелниот повод се сјатија во храмот на Небесната Царица. На евхаристиската трпеза се нахрани големо мноштво верници, особено оние најмладите, покажувајќи дека светото православие меѓу македонците во Америка е живо и автентично.

По срдечните средби и разговори, македонската делегаци ја продолжи своето патешествие во Индијана, во Краум Поинт, каде на 29-август го посети Катедралниот епархиски храм посветен на светите првоврховни апостолиц Петар и Павле, молитвените патрони на оваа наша најстара црковна заедница во Америка. По светата вечерна богослужба беше организирана мошне топла и срдечна средба со Управниот одбор.

Со убави впечатоци и радосни средби, црковната делегација од Македонија ќе го продолжи своето патување со посетата на црквите Свети Кирил и Методиј и Света Петка во Чикаго, и црквите Свети Ѓорѓи Кратовски и Рождество на Пресвета Богородица во Детроит, каде заедно со Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Стефан ќе учествуваат на 31-то заседание на Епархиското собрание на АКМПЕ.