Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Слава во манастирот на Свети Јован Бигорски (12.09.2005)

 

 

 

Во деновите кога Бигорскиот манастир се спремаше за прославата на својот патрон Свети Јован Крстител, православната младина од ширум Македонија пристигна да помогне на братството на манастирот возглавено од архимандритот Партениј. Благодарение на таа помош, манастирот кој оваа година прославува јубилеј од 10 години на возобновено машко монаштво, успеа да ја заврши градбата на новите конаци Долни Палат, да постави дренажа и да се опремат собите со минимум опрема за да може да се примат придојдените верници од сите страни на Македонија.

 

 

 

 

 

 

         

 

 

 

После пречекот на надлежниот архиереј г.Тимотеј и Брегалничкиот г. Агатангел, во холот на приземјето од Долниот Палат, г-ѓа Билјана Јуруковска, светски признат уметник, приреди изложба на уметнички фотографии со теми од манастирот, а приходот од продажбата беше наменет за манастирот.

 

 

 

         

 

 

 

После свечената вечерна богослужба свечено слово одржа Митрополитот Тимотеј за духовниот живот на Св. Јован Крстител, за неговата праведност, како и за спремноста да се жртвува за вистината, кога станува збор за изобличувањето на гревот. Вратите на големата трпезарија беа отворени сè до полноќ, за да бидат нагостени сите верници меѓу кои имаше и многу Македонци-муслимани, Албанци од двете конфесии и Турци.  

 

 

 

         

 

 

Утредента, после воскресно-празничната утрена богослужба, торжествено беше отслужена Светата Литургија. На крајот беше пресечен славскиот празничен леб и беше извршен Водосвет. На службите освен архиереите богослужеа архимандритите Нектариј и Партениј, како и свештенослужители од Охрид, Велес и Штип.

Во знак на одбележување на јубилејот 10 години од возобновувањето на машкото монаштво беше осветен мозаикот на Св. Јован, поставен на јужниот ѕид од храмот, дар од брачниот пар, Павлинка и Столе Илиеви од Кочани.

Осветувањето на Долниот Палат е оставено за блиска иднина, кога ќе се уреди влезниот дел, дворот и внатрешните скали, за што ќе бидат поканети сите верници од цела Македонија и подалеку!