Рождество на Пресвета Богородица (23.09.2005)
Неговата Високопреосветеност Митрополит Дебарско-кичевски и Плаошки и администратор Повардарски г. Тимотеј, заедно со свештенослужители од двете епархии, по повод празнувањето на светото Рождество на Пресвета Бгородица го посети манастирот посветен на овој свет и сечесен празник во с. Манастирец во околината на Македонски Брод. Во попладневните часови Владиката и свештенослужителите пред престолната икона во манастирската црква Ѝ отслужија Акатист на Пресветата Дева. Овој манастир е ревитализиран пред 5 години, со доаѓањето на монахот Бенедикт во него, кој за овие години со помош на месното население успеа да изгради пристапен асфалтен пат до манастирот. За црквата на Рождеството на Пресвета Богородица се сметаше дека била изградена во XIX век, но истражувањата од пред 3 години покажаа дека под фреските се наоѓа друг слој композиции, датирани од XVIII век. И покрај тоа што се оштетени и колоритот претрпел значителни промени (најверојатно црквата пострадала од пожар), и во оваа состојба новооткриените фрески сведочат за нивната првобитна убавина и едноставност. Оттаму, во текот на вечерните часови на празникот на светото Рождество на Пресвета Богородица, Владиката Тимотеј заедно со своите свештенослужители пристигна во манастирот на светото Благовештение во Кичево (Св. Пречиста). Пред чудотворната икона на Пресвета Богородица во манастирската црква рано вечерта отслужија празнична Вечерна, а во подоцнежните часови (во 22.30 часот) Владиката и свештенството повторно гопрославија Рождеството на Пресветата со Акатист. Во присуство на голем број притекнати верни утрото на Рождество Владиката Тимотеј отслужи Архиерејска Божествена Литургија во манастирот, кога на големиот број притекнати верни во празнична беседа им се обрати со слово за наѕидување и укрепување во багочестивата вера. По завршувањето на литургијата во дворното место на манастирот изврши и Мал водосвет.