Крстовден во Рајчица (28.09.2005)
„Радувај се на слепите учителу, на немоќните исцелителу, на умрените воскресение, Крсту Чесен, кој нѐ подигаш нас паднатите: со тебе се урна клетвата, и процвета нетлението, и ние земните се обоживме, и ѓаволот секонечно падна. Денес твоето воздвижение во архиерејските раце го гледаме, вознесувајќи Го Вознесениот преку тебе. Затоа ти се поклонуваме, и од тебе црпиме голема милост.“ (стихира на празничната литија)
Во женскиот манастир на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, метох на манастирот Бигорски, празникот на Воздвижение на Чесниот Крст монашкото сестринство и многубројните гости го прославија со празнични богослужења и Архиерејска Божествена Литургија. На овој ден во Рајчица пристигна верен народ од Охрид, од Прилеп, Скопје, Гевгелија и од други краишта ширум Македонија.
Вечерната во чест на Светото Воздвижение на Чесниот Крст Господов заврши со литија и петолебие, по што притекнатите мирски свештеници, многубројните гости и монасите се собраа на празнична трпеза на љубовта.
Изутрината, откако со страв Божји и длабока почит го дочекаа Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј, верните пристапија да му се поклонат на Крстот Христов. По ова, Владиката Тимотеј освети нова срачица и нова индитија за Чесната Трпеза, откако се утврди дека старата срачица е уништена со текот на времето, иако печатот и изобразбите на евангелистите на неа не се оштетени.
„На дрвото на Твојот Крст му се поклонуваме, Човекољубецу, зашто на него си се приковал, Животу на сите. На разбојникот што Ти пристапи со вера Рајот му го одврза, Спасителу, и за блаженост тој се вподоби исповедајќи Ти: ’Спомни си за мене, Господи!’. Прими нѐ како него и нас што Ти повикуваме: ’Згрешивме, со Своето благоутробие не презирај нѐ!’.“
(вечерни и утрени стихири)
На овој ден пред 169 години (во 1836 г.) била осветена манастирската црква на Св. Георгиј Победоносец, а камен темелникот на новите конаци е осветен исто така на Крстовден во 1999 г. По Божествената Литургија во дворот на манастирот беше извршен Мал Водосвет. Верниот народ којшто во Рајчица притекна да го прослави Воздвижението на Чесниот Крст по ова се поткрепи на заедничка трпеза.
„Да Му се зарадуваат сите шумски дрвја, на Оној што им ја освети природата и од почетокот ги насади, Христос, Којшто на дрво се спростре. Него поклонувајќи се Го величаме.“
„Свештен се крена рог и глава на сите богомудриот Крст, со него на грешните духовно им се кршат сите рогови. Денес поклонувајќи се, го величаме...“