Религиозен национализам (03.10.2005)
Религијата и политиката отсекогаш се испреплетувале. Историчарите се тие што ќе треба да пресудат дали, на пример, религијата беше причина или оправдување за Крстоносните војни, за инквизицијата, па дури и за нападите од 11 септември. Јас се обидувам да ја определам точната улога што религијата ја играше во распадот на бивша Југославија и насилството што уследи. Веќе се помирив со тоа дека никогаш нема да бидам сосема сигурен.
Јасно е дека во комунистичко време католичката религија во Полска му помогна на народот да ги зачува идентитетот и националната цел. Влијанието на папата Јован Павле II во приведувањето кон крај на комунистичкиот систем во таа земја е добро познато и прифатено како едно од неговите најзначајни и најпозитивни постигања.
Но, што е со сличните религиозни национализми на Балканот? Дали и тие играа така важна улога и ако е така, дали таа беше позитивна или негативна? Тито и неговите партизани на почетокот беа немилосрдни кон религиозните лидери, обвинувајќи ги за соработка со четниците и фашистите и стравувајќи дека тие ќе донесат вид на национализам каков што тој сакаше да искорени. Многумина беа убиени, а стана јасно дека практикување на религија ја затвора вратата за секаква лидерска позиција во општеството. Речиси сите цркви, џамии и синагоги останаа без финансии.
Пораст на религиозните верувања
Кога структурите на Комунистичката партија почнаа да ја распарчуваат Југославија кон крајот на 80-те години, практикувањето на религијата насекаде значително се зголеми. Не само затоа што забраните беа повлечени, туку и затоа што тоа стана отворен и прифатен начин за покажување на националистички чувства на позитивен начин. Со други зборови, како и во случајот на Полска, тоа беше не само пораст на религиозните верувања туку, до извесна мера, и религиозен национализам. Една од последиците, сепак, беше тоа што ова доведе до конкретна диференцијација на етничките групи. Не е случајно што кога насилствата почнаа една од главните цели беа токму црквите, џамиите и манастирите на другата етничка група.
Со оглед на репресијата од која страдаа под комунизмот, не е чудно што некои од религиозните лидери покажуваа жар во своите верувања и станаа експоненти на религиозниот национализам во турболентните години на насилство.
Не можам точно да проценам кое беше нивното влијание врз настаните, но јасно е дека некои од нив ги охрабруваа најекстремните елементи и нивните активности. Токму овие примери доведоа до бескрајните гласови за тоа дека Младиќ, Караџиќ и Готовина се под заштита на религиозни лица во нивните цркви. Не би се согласил дека овој екстремизам, во црквите или кај народот, е главниот фактор што го спречува помирувањето што е потребно за да може регионот да оди кон ЕУ и да се издига економски и културно.
Повеќе сум загрижен за Србија, пред сѐ, затоа што нејзините граници и иднина се сѐ уште неизвесни и во овој момент политичката стабилност е невозможна. Односите со Црна Гора се влошуваат и се чини неизбежен референдумот за независност во 2006 г.
Неизвесност
Оваа неизвесност го свртува вниманието кон националистички преокупации и ги тера политичките партии да се фокусираат многу повеќе врз нив отколку врз критичниот процес на демократска транзиција на Србија. Забележав во последните години загрижувачки тренд кога високи фигури на српското православие стануваат лидери во религиозно-националистички и политички активности многу поагресивно отколку порано. Тоа е можеби затоа што чувствуваат вакуум на лидерската сцена или недостиг на позначајна политичка кохезија во општеството. Во секој случај, нивните изјави и акции несомнено им ја отежнуваат работата на српските политичари.
Има три главни причини за зајакнатата активност и национализам на СПЦ. Првата се годините и влошеното здравје на патријархот Павле, вистински умерен човек што направи сѐ што можеше за да ја заштити Црквата. Зад сцената се одвиваат игри за превласт меѓу неговите можни наследници и тоа натера некои од нив да ја турнат Црквата во повеќе екстремизам.
Втората причина е што Православната Црква сѐ уште не нашла начин да се помири со политичкиот развој на настаните во последните децении. Од политички причини, и Македонија и Црна Гора сакаат да имаат своја Православна Црква, иако процедурите за формализирање на процесот не се комплетирани. На новите Православни Цркви им е потребна автокефалност. Бидејќи тоа не е формално сторено, создадени се сериозни конфликти помеѓу СПЦ и православните ентитети на Македонија и Црна Гора. Сега тоа се влошува со апсењето во Македонија на српски православен свештеник и со употребата на воени хеликоптери од страна на СПЦ за инсталирање на капела на врвот на планина во Црна Гора. Во двата случаја конфликтот го започнаа црковни лица, а тоа ги наведе политичарите од сите страни да скокнат со изјави што лошите акции уште повеќе ги влошија.
Третата причина е вистинскиот страв на религиозните лидери во Србија за судбината на нивните манастири и цркви на Косово. Тие знаат дека стотици од овие објекти веќе беа разурнати и стравуваат дека независноста на Косово неизбежно ќе донесе ист третман на скапоценото наследство. Клучен принцип во секое идно решение за Косово е да се најде решение за овој проблем.
Голем дел од преокупациите на СПЦ се легитимни и севкупната улога на религиозниот национализам е разбирлива последица на годините под Тито. Но, како што Србија се доближува до соочување и финално решение на нерешените прашања, очајнички ѝ се потребни умереност и прагматизам од религиозните лидери. Тоа во моментов не е случај и само ја отежнува веќе тешката ситуација.
преземено од денешниот број на „Дневник“ (no. 2876):
http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2876&stID=64278